Мерките ќе важат за сите делови на Украина, освен за нејзините два источни сепаратистички региони Донецк и Луганск, поддржани од Русија
Украинскиот Совет за безбедност денеска ги одобри плановите за прогласување национална вонредна состојба, како одговор на зголемената закана од руска инвазија.
„Мерката, која мора формално да биде одобрена од парламентот, бара засилени проверки на документи и возила, меѓу другите мерки“,
изјави секретарот на Советот, Олексеј Данилов.
Данилов истакна дека ќе достави извештај до украинскиот парламент во текот на денот, а се очекува и пратениците да ги одобрат тие безбедносни мерки оваа недела.
Мерките ќе важат за сите делови на Украина, освен за нејзините два источни сепаратистички региони Донецк и Луганск, поддржани од Русија.
Покрај ова, украинскиот парламент денеска во прво читање усвои нацрт-закон со кој на Украинците им се дозволува да носат огнено оружје и да реагираат во самоодбрана.
Усвојувањето на тој закон е целосно во интерес на државата и општеството, изјавија авторите на нацрт-законот.
Тие тврдат дека донесувањето на тој закон е неопходно поради, како што велат, заканите и опасноста со кои се соочуваат граѓаните на Украина, јавуваат тамошните медиуми.