Во март оваа година беше финализирано купувањето на осигурителното друштво ЗОИЛ Македонија АД Битола од страна на Алта груп, по што тоа беше преименувано во Алта осигурување
Според наводите на СДСМ, една од спорните околност на која укажуваат информациите што ги добиле од свиркачи е брзината со која било обработено барањето за преземање на осигурителното друштво, додека друг момент се однесува на наводен судир на интереси, односно дека во трансакцијата наводно посредувала брокерска куќа во сопственост на братот на претседателката на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО)
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излезе со нови обвинувања и прашања до надлежните институции во врска со влезот на српскиот бизнисмен Давор Мацура и неговата Алта групација во македонскиот финансиски сектор. Овој пат социјалдемократите од Бихаќка наводите ги фокусираат на купувањето на осигурителното друштво ЗОИЛ Македонија АД Битола од страна на Алта груп во март оваа година.

Тврдењата на опозиционерите на прес-конференција ги изнесе портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, која рече дека покрај во банкарскиот сектор, премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески му овозможиле на Мацура да го преземе и осигурителното друштво за сума од околу 1,7 милиони евра. Таа во име на партијата го повика надлежното регулаторно тело и обвинителство да реагираат во врска со овој случај.
Од партијата на прес-конференцијата го отворија прашањето за сигурноста на полисите што граѓаните ги имаат во ова друштво, особено по информациите за притворот на Мацура во Србија и одземањето на дозволата за работа на Алта банка Белград. Инаку, по преземањето на ЗОИЛ Македонија АД Битола, друштвото беше преименувано во Алта осигурување.
„Прашањето е едноставно. Дали друштвото може непречено да им ги исплаќа штетите на граѓаните? Дали се загрозени покривања на штети од сообраќајни незгоди, автомобилско осигурување, возила, имот, куќи, станови, патничко и здравствено осигурување, повреди при работа?“,
рече Кузеска.
Таа упати критики до Агенцијата за супервизија на осугурување (АСО), обвинувајќи ја институцијата за молк во врска со бројните прашања што се наметнуваат во врска со Алта осигурување.
Опозиционерите бараат од регулаторот да одговори на три клучни прашања, односно дали по притворот на Мацура и случувањата со Алта банка во Србија е преиспитана согласноста за неговото квалификувано учество во осигурителното друштво, како и дали друштвото во моментов располага со законски предвидениот минимален капитал.
„Дали се изречени мерки на супервизија и какви чекори се преземени за заштита на осигурениците“,
е третото прашање што Социјалдемократите го упатија до АСО.
Наводи од свиркачи
Повикувајќи се информации кои, според Кузеска, партијата ги добила од свиркачи, во случајот со преземањето на осигурителното друштво има неколку споремни моменти. Таа, во тој контекст, го повика државниот јавен обвинител, Ненад Савески, да ги вклучи овие информации во истрага за Алта банка, која, како што кажа, Обвинителството никако да ја отвори и покрај повиците од опозицијата.
Според наводите на СДСМ, една од спорните околности е брзината со која било обработено барањето за преземање на осигурителното друштво.
„Според информациите на свиркачи, барањето за преземање на осигурителното друштво било обработено за два дена. Ако е ова така, како е можно во толку краток рок да се направат соодветни проверки?“,
наведе портпаролката на СДСМ.
Друг момент, на кој според СДСМ укажале свиркачите, се однесува на наводен судир на интереси. Тие тврдат дека во трансакцијата наводно посредувала брокерска куќа во сопственост на братот на претседателката на Советот на експерти на АСО, Ели Дракуловска, поради што бараат одговор дали Агенцијата проверила можен судир на интереси и дали применувала еднакви критериуми за надзор како и кон останатите друштва.
Во таа насока, од Социјалдемократскиот сојуз бараат Народната банка, Комисијата за хартии од вредност и АСО јавно да ја објават целокупната документација, хронологијата на одлучувањето со точни датуми, мислења, согласности, како и имињата на лицата кои учествувале во носењето на одлуките.
На крајот, од СДСМ го повикаа и обвинителот Савески да не чека и да отвори независна истрага согласно законите за целиот случај поврзан со Алта банка.
„СДСМ бара истрага од првиот ден, а ДПМНЕ зборува за спас. За ВМРО-ОКГ и Мицкоски единствениот спас е преземање на банката, за да не се отворат сметките и да не се проверат трансакциите. Обвинителот Савески, ако не е на екскурзија, да не чека, туку да постапува по закон и независно“,
рече портпаролката и членка на ИО на СДСМ, Богданка Кузеска.
