Со пари од Европската банка и од градскиот буџет направена е и студија од сообраќајни експерти од земјава и странство, а веќе е готов и проектот за првата траса од „автобуското метро“ и потпишан е и договор со ЕБОР за наменски предит, велат социјалдемократите кои сметаат дека покрај за граѓаните ова ќе нанесе директна штета на државата и градот и пред меѓународните институции
Скандалозен е последниот потег на Данела Арсовска да го прекине проектот „Бас рапид транзит“ (БРТ), кој се спроведуваше со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), реагира СДСМ откако градоначалничката на Скопје го стопираше тендерот за БРТ.

„Три години се работеше овој револуционерен проект кој има за цел да внесе нов систем на ефикасен и еколошки јавен превоз во главниот град. Многу важен за скопјани. Со средства од ЕБОР и со средства од градскиот буџет, направени се истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство, како и проект за првата траса. Беше потпишан и Договор со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси на БРТ системот. Сега, заради лични хирови, Арсовска го укинува овој проект којшто веќе е во процес на реализација и од висок интерес на скопјани“,
вели Стефан Васев од СДСМ.
Според социјалдемократите, потегот на градоначалничката освен што е против интересите на скопјани, е на директна штета и на Градот и на државата пред меѓународните финансиски институции како што е Европската банка.
„Наместо да работи за граѓаните, таа работи по инструкции од Белиот дворец и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. По првиот месец може да кажеме дека Данела Арсовска не се води од интересите на градот и не работи во интерес на скопјани“,
рече Васев.
Од кабинетот на Арсовска, претходно за СДК.мк, изјави дека тендерот објавен на страната на ЕБОР, е прекинат затоа што не се пристигнати понуди.
Функцијата градоначалничка на Скопје Арсовска ја презема на почетокот на ноември и во единството телевизиско гостување оттогаш, рече дека распишувањето на референдум е една од опциите за граѓаните да излезат и да одлучат дали се за или против БРТ системот.
Таа во кампањата за локалните избори се противеше на проектот за „автобуското метро“, а како решение за градскиот превоз таа најавуваше ревидирање на возниот ред на ЈСП и купување на 250 нови еко-автобуси.