Во филмовите за ново парламентарно мнозинство што Мицкоски со месеци ги врти не веруваат ниту во белиот дворец, велат од СДСМ по денешните повторни изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека се работи на обезбедување ново мнозинство кое ќе изгласа распуштање на парламентот и одржување предвремени парламентарни избори.
„Папагалското повторување на лагите нема да му донесе ништо освен нов пораз. Ако Мицкоски навистина овие четири години секој ден работел на ново мнозинство тоа се 1 460 лични досегашни неуспеси на Мицкоски. Со ваквиот негов пристап Мицкоски треба да знае дека уште долго ќе заспива и ќе се буди со помислата на премиерот Зоран Заев“,
изјави Стефан Васев од СДСМ.
Мицкоски на денешната прес-конференција посочи дека преку Собранието е единствениот пат за одржување предвремени парламентарни избори, така што треба да се обезбеди апсолутно мнозинство за самораспуштање на актуелниот собраниски состав.
„Не познавам друг начин за одржување предвремени избори, а што се однесува до методологијата, секојдневно работиме на тоа, и кога ќе имаме 61 пратеник јавно ќе соопштиме“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Прес-конференцијата тој ја одржа по повод 4 години владеење на СДСМ од изборот на Владата на 1 јуни 2017, кога Заев го почна првиот мандат како премиер.
Овој период тој го нарече „четири години на украден живот на народот, тргување со идентитет, име и нација, многу криминал и неправда“.
Од СДСМ, пак, исто така се осврнаа на четиригодишното владеење потенцирајќи дека на чело со Зоран Заев државата забележала само успеси и од држава која била заробена во режим и изолација денеска сме членка на НАТО, економски напреднати и забрзано чекориме кон ЕУ.
„Ги вративме слободата и демократијата, спроведовме сериозни реформи во правосудството кои денес обезбедуваат силен, независен и ефикасен правосуден систем кој испорачува правда. Парите наместо во белиот дворец, споменици и палми сега завршуваат кај граѓаните. Минималната плата порасна од 9 500 на 14 500 денари, просечната достигна до над 28 000 денари, платите во сите сектори постојано растат, растат и пензиите а истовремено обезбедивме државна социјална пензија а ја исправивме неправдата и кон стечајните работници. Сериозно се зголемени субвенциите, воведена е „зелена нафта“ а за првпат државата враќа пари директно на сметките на граѓаните преку успешниот проект ’Мој ДДВ‘. Заедничките успеси кои ги постигнавме заедно со граѓаните“,
рече Васев.
Од владејачката партија, исто така, се осврнаа и кон случувањата во ВМРО-ДПМНЕ во речиси истиот период откако Мицкоски беше избран за претседател. Обвинија дека во партијата ништо не е сменето и оти со неа раководи Никола Груевски, а Мицкоски е само извршител.