Денешните напади на ВМРО-ДПМНЕ за транспарентноста на процесот со кој се бара преиспитување на договорите за програмата Кембриџ, се доказ за тесната поврзаност на оваа партија со милионските тендери во интерес на одредени издавачи и компании, порачаа од СДСМ откако ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција по синоќешното интервју на министерката Мила Царовска за „360 степени“ во кое таа најави дека МОН ќе побара од Основното јавно обвинителство да го испита целиот процес на одобрување на т.н. кембриџ-учебници кои во 2014 беа воведени во основното образование.
„ВМРО-ДПМНЕ партијата противник на секоја реформа во образованието, денеска се вознемири од најавите дека ќе се бара надлежни институции да го истражат и преиспитаат ексклузивниот откуп на учебници во периодот од 2014 па наваму. Денешните напади на ВМРО-ДПМНЕ за транспарентноста на процесот со кој се бара преиспитување на договорите за Кембриџ програмата, се доказ за тесната поврзаност на оваа партија со милионските тендери во интерес на одредени издавачи и компании. Kако одговорна владејачка партија СДСМ сите процеси ги спроведува отчетно и транспарентно. За првпат откупот на учебници се прави на исклучително транспарентен начин, затоа што имаме обврска кон граѓаните за трошењето на јавните пари. Нашата цел е да обезбедиме квалитетно образование со квалитетни учебници и други наставни материјали и тоа ќе го оствариме без разлика на обидите за блокади на ВМРО-ДПМНЕ“,
порачаа од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, претходно порачаа дека Царовска и како министерка за труд и социјална политика најавувала истраги за наводни злоупотреби во пензискиот фонд, што според опозицијата било само „гол маркетинг“.