ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста реагираше по синоќешното интервју на министерката за образование и наука Мила Царовска за „360 степени“, во кое таа најави дека МОН ќе побара Основното јавно обвинителство да го испита процесот на носењето и изборот на т.н кембриџ-учебници во основното образование кои првпат беа воведени во 2014 година.
„Царовска се закануваше и додека беше министер во МТСП за наводни злоупотреби во пензискиот фонд од кои не испадна ништо само гол маркетинг“,
се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачаа дека Царовска треба кривично да одговара затоа што, како што велат, турка дигитализација без учебници за над 100 милиони евра.
„Царовска треба кривично да одговара што турка образование без учебници за да направи дигитализација од над 100 милиони евра, толку се неспособни што ниту свидетелства не може да поделат. Царовска не си ја врши работата ниту за која е платена. Училиштата под неа ниту свидетелства не можат да обезбедат, па ги тераат децата да ги плаќаат. Царовска ја утна цела учебна година. Додека таа се учи како да биде министер за образование цела генерација ученици е уништена. Учебната година почна подоцна, не се слушаа учениците и родителите во за матурата, а на крај Царовска сака да ги укине и учебниците“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За разлика од Царовска, се додава во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ девет години го спроведуваше проектот „Учебник за секое дете“.
„Сè што прави Царовска е интерес, партиски и личен, а не државен. Проектот за таканаречена дигитализација чини над 100 милиони евра, а тој е далеку од реална дигитализација, туку обични пдф-учебници. За разлика од Царовска, ВМРО-ДПМНЕ 9 години по ред набавуваше и го спроведуваше проектот ‘Учебник за секое дете’. ВМРО-ДПМНЕ им помогна на децата и родителите и се бореше против дискриминацијата, а Царовска и СДСМ ја зголемуваат. Интересот на Царовска за таканаречена дигитализација, покрај за тендерот од над 100 милиони евра, е и за можноста за бришење на содржината на предметите историја и географија, што веќе и го најавија. Царовска спроведува сè, само реформа не. Да ставиме крај на поделбите, на СДСМ и Заев, на граѓани од прв и втор ред. Македонија на сите луѓе“,
се вели во партиското соопштение.