Пратеничката Сања Лукаревска најави дека фокусот на дебатите ќе биде ставен на актуелните политички состојби, но и на внатрепартиските избори што се одложија поради трагедијата во Кочани
СДСМ вечерва одржува седници на Централниот и Извршниот одбор. Како што најави пратеничката Сања Лукаревска, фокусот на дебатите ќе биде ставен на актуелните политички состојби, но и на внатрепартиските избори што се одложија поради трагедијата во Кочани.
„Вечерва треба да зборуваме за неколку точки на дневен ред, актуелните политички состојби, кои се неминовни, а има и некое кооптирање на членови во Надзорниот, односно Централниот одбор. Ќе дискутираме за внатрепартиските избори, бидејќи се одложи датумот. Сега треба да го прецизираме новиот датум, новата постапка и процедура, со сите правилници“,
изјави вечерва Лукаревска за ТВ 24.
Во однос на неодржувањето на собраниските седници оваа недела поради трагедијата во Кочани, Лукаревска рече дека според неа можеби требало да има комеморативна седница и најави дека својот став ќе го пренесе на Централниот одбор.
„Секако пратеничката група ќе го каже својот став. Ние ги слушнавме сите оние реакции што доаѓаа од Собранието. Бевме присутни на таа координација и одлуката е таква каква што е. По мое мислење, сепак како пратеник сметав дека можеби требаше да има една комеморативна седница во име на она што значи немил настан и невидена трагедија. Мојот став ќе го пренесам и на Централниот одбор, доколку има потреба“,
додаде Лукаревска.