Оваа реакција на СДСМ следи откако денеска Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на противправното финансирање и изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ
Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а сите трошоци за судската постапка ќе паднат на товар на Буџетот на Македонија
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска обвинуваат дека судството и Обвинителството под контрола на премиерот Христијан Мицкоски го ослободуваат поранешниот Никола Груевски од одговорност во предметот „Талир 2“ и овозможуваат одмрзнување на партискиот имот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните гледааат како судството и Обвинителството под контрола на Мицкоски го чисти Никола Груевски од одговорност за предметот ‘Талир 2‘ и го одмрзнува криминалниот имот на ВМРО. По осум години Белата палата, вредна 14 милиони евра и останатиот партиски имот во вредност од два милиони евра се повторно во рацете на ВМРО. Така изгледа кога криминална организација е на власт, таа се грижи само за себе и да ги спаси своите од одговорност. Правда нема!“,
се вели во соопштението на партијата.
Според СДСМ, премиерот не презема активности за екстрадиција на Груевски, оценувајќи дека станува збор за свесна заштита на поранешниот премиер.
„Груевски е осуден криминалец кој не ја издржува казната во Идризово. А Мицкоски не бара негова екстрадиција, не ги испраќа документите кои со месеци патуваа од една до друга институциија и никогаш не беа испратени. Намерно. Мицкоски му овозможува на својот ментор Никола Груевски да ја избегне правдата за ‘Талир 2‘. Ова е свесна заштита на Никола Груевски, најголемиот симбол на криминалот и корупцијата во Македонија. Сега Груевски – човекот кој избега во Унгарија, и понатаму продолжува да ужива, без да се соочи со одговорноста само поради Христијан Мицкоски.“,
додаваат оттаму.
Според партијата, сепак, вистината излегува на виделина, најавувавајќи дека наскоро доаѓа времето на правдата и одговорноста.
„Наскоро државата повторно ќе им припадне на граѓаните. Фронтот за вистина и правда ќе се погрижи да одговара не само Груевски, туку и сите негови ученици и продолжувачи на неговото дело“,
пишуваат од опозициската партија.
Оваа реакција на СДСМ следи откако денеска Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на противправното финансирање и изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Ослободувањето, како што кажа судијката Даниела Алексовска, доаѓа како директна последица на измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година, кои беа во директна корист на обвинетиот.
Со оваа пресуда, која е неправосилна, судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а сите трошоци за судската постапка ќе паднат на товар на Буџетот на Македонија.
Претходно, за случајот „Талир 2“, во јуни 2022 година, Кривичниот суд донесе првостепена пресуда со која поранешниот премиер Никола Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, додека, пак, поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски доби условна казна.
Во април годинава, предметот го презеде обвинителот Кристијан Смилевски од скопското Обвинителство, бидејќи претходно обвинителката Ленче Ристовска, која го водеше предметот, поднесе оставка од функцијата, откако со одлука на државниот јавен обвинител Ненад Савески, Ристоска остана без предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице.
