Според собранискиот Деловник, треба да се соберат потписи од најмалку 20 пратеници, што не е тешка работа за владејачката партија, но не е ни гаранција дека спикерот ќе се согласи да закаже седница на распуштениот парламент
Пратеници на СДСМ собираат потписи за да го одоброволат претседателот на Собранието Талат Џафери да го свика распуштениот парламент, потврдуваат за „360 степени“ партиски извори.
Треба да се соберат најмалку 20 потписи, но, како што се посочува, тоа не е гаранција дека Џафери ќе свика седница. Тој во неколку наврати во овој период посочи дека распуштениот парламент нема мандат да се состане повторно и да носи одлуки. Поради тоа, овој собраниски состав не ја потврди ниту првата одлука на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, чиј рок е веќе истечен.
Според нашите информации, Џафери е запознаен со иницијативата на пратениците на СДСМ, ама засега не бил расположен да свика седница, независно од тоа колку потписи ќе бидат собрани.

Извори од СДСМ објаснуваат дека би било добро парламентот да се состане, меѓу другото, и за да се обезбеди контрола врз одлуките на техничката влада. Како што се посочува, незамисливо е една парламентарна демократија толку време да функционира, практично, без парламент, така што сега нема ни кој да ги ратификува договорите за заеми што ги бара Владата, со цел справување со економските последици од кризата со коронавирусот. Сепак, една од клучните причини за обидот да се состане парламентот е да се потврдат двете одлуки на Пендаровски за прогласување вонредна состојба во траење по 30 дена.
Шефот на државата, по последната седница на Советот за безбедност, им забележа на Џафери и на пратениците за тоа што не се состануваат, иако, како што рече, тие се уште земаат плата за функцијата и никој од нив не побарал апанажа. Пендаровски, исто така, рече дека тој ќе ја преземе одговорноста и ќе донесе нова одлука за прогласување вонредна состојба, затоа што во овој момент јавното здравје е поважно од правните ограничувања.
Доколку парламентот не може да се состане, Уставот му овозможува на претседателот на државата да донесе одлука за прогласување вонредна состојба. Но, парламентот треба да ја потврди таа одлука веднаш откако ќе се создадат услови за одржување седница.

Партијата Левица денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на втората Одлука за утврдување постоење вонредна состојба што ја донесе Пендаровски. Една од аргументациите за тоа е дека, согласно со нашиот Устав, одлуката со која се утврдува постоењето на вонредната состојба има важност најмногу 30 дена. Тоа, според Левица, значи дека претседателот можел, во рамките на овие триесет дена, да донесе, на пример, три одлуки од по 10 дена или шест одлуки од по 5 дена…, но дека не може самоволно и волунтаристички да носи нова одлука по истекот на максимално предвидените триесет дена.
Минатата седмица, пак, Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес за преиспитување на уставноста на одлуката на парламентот за самораспуштање.
Деветтиот собраниски состав се распушти на 16 февруари, со цел да се одржат избори на 12 април, односно во уставно предвидениот рок од 60 дена. Но, одложувањето на изборите на неопределено време, поради кризата со коронавирусот, го одложи на неопределено и мандатот на пратениците кои беа избрани на 11 декември 2016 година. Исто така, продолжен е и мандатот на техничката влада на Оливер Спасовски, која, со прогласувањето на вонредната состојба, практично, ги презема во свои раце и надлежностите на законодавната власт, така што носи уредби со законска сила.