Денеска против неправда ќе протестираат оние кои нарачуваа шлаканици во Центар и насилства во парламентот, оценија од владејачката партија, нарекувајќи го лицемерно однесувањето на Мицкоски
Нема поголем апсурд од тоа ВМРО-ДПМНЕ, симболот на политичкото насилство и реваншизам, да организира таканаречени протести против неправдата, се огласија денесека од владејачката партија коментирајќи за протестот што опозицијата ќе го одржи вечерва, а кој е втор против неправда, реваншизам и политичко насилство.
„Денеска, против неправда ќе протестира Христијан Мицкоски, потрчкото на оној што нарачуваше шамари во Центар.
Денеска против насилство ќе протестираат губитникот Мицкоски и неговите приврзаници , истите оние кои учествуваа во насилството на 27 април. Оние кои не само што што не го осудија насилството, туку насилниците ги величаат и ги нарекуваат уставобранители.
Против кого ќе протестира денеска губитникот Мицкоски? Против осудените насилници Никола Груевски, Митко Чавков, Игор Југ, Горан Ѓошевски и Мунир Пепиќ“,реагираат од СДСМ .
Според владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се уште се заглавени во режимско-насилничка матрица.
„Наместо оставка од Мицкоски, како што вети, тој продолжува да организира лицемерни протести кои служат само за спас на неговата фотелја во белиот дворец. Очајно и лицемерно е однесувањето на Мицкоски. Граѓаните знаат дека тој освен одбрана на криминал не може да понуди ништо друго и затоа три пати губи на избори и затоа останува уште долго во опозиција“,
нагласуваат од СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, и денеска, преку својот фејсбук профил повика на масовност на вечерашниот протест.
Пред неколку дена ВМРО-ДПМНЕ го одржа последниот од серијата тематски протести, кој, исто така, беше посветен на неправдата и политичкото насилство.