Реакцијата на опозициската партија следува откако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во телевизиско интервју пред два дена рече дека нема да дозволи предметот „Мазут“ да биде затворен бидејќи, според него, во случајот има многу докази за кривичното дело, кои ги оцени како страшни
Опозицискиот СДСМ денеска го повика државниот јавен обвинител Ненад Савески да побара од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да му ги достави сите докази за случајот „Мазут“.

Реакцијата на опозициската партија следува откако Тошковски во телевизиско интервју пред два дена рече дека нема да дозволи предметот „Мазут“ да биде затворен бидејќи, според него, во случајот има многу докази за кривичното дело, кои ги оцени како страшни.
На денешната прес-конференција пред Обвинителството, генсекот на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, рече дека и покрај тоа што државниот обвинител застанал зад одлуката на обвинителката да се запре истрагата за случајот „Мазут“, сепак, кажал дека ако се појават нови околности или докази случајот може да биде реактивиран.
„Неколку часа по изјавата на Савески, министерот Тошковски рече дека има докази кои јавноста не ги знае и дека сите ќе бидеме шокирани. Бидејќи изјавата е јавно кажана, ќе чекаме да видиме дали Тошковски ќе биде повикан да ги достави доказите и повторно да биде активиран случајот. Или ќе чека телефонски повик од Мицкоски? Еве му шанса на обвинителот Савески, за конкретен предмет проценет на 167 милиони евра, да го повика министерот Панче Тошковски да ги донесе доказите и случајот ‘Мазут’ повторно да биде активиран“,
рече генералниот секретар на СДСМ на денешната прес-конференција пред Обвинителството.
Од партијата дополнително прашуваат дали за запирањето на истрагата за „Мазут“ постои некаков договор помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и Асмир Јахоски од „Пуцко петрол“, кој е еден од осомничените во случајот.
Државниот обвинител Ненад Савески пред два дена на брифинг со новинарите неколкупати напомена дека одлуката за запирање на истрагата за случајот не е конечна. Тој рече дека, принципиелно, стои зад одлуката на обвинителката од ОЈО ГОКК која ја запре истражната постапка за случајот „Мазут“ поради немање докази.
