„Кога имате состанок со истражители кои ви велат: ‘министре, ова што се случува во овој предмет е во најмала мера надвор од памет’, јас прашувам зошто е тоа така. Тие појаснуваат дека станува збор за непостапување согласно доказите коис е темелно анализирани и кои даваат основано сомнение за криминал“, изјави министерот за внатрешни работи во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека нема да дозволи додека е на функцијата што ја извршува предметот за „Мазут“ да биде затворен, бидејќи, според него, во случајот има многу докази за кривичното дело, кои ги оцени како страшни.

Тошковски, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, рече дека секој треба да си ја сработи работата која му е дадена согласно закон, посочувајќи оти не смета дека „Мазут“ е предмет што е затворен или, како што рече, паднат.
Според него, во конкретниот случај Министерството за внатрешни работ си ја сработило работата што требало да ја сработи, како и во другите случаи што се во надлежност на МВР, но, како што наведе, Јавното обвинителство е она кое е надлежно и е главен мотор во водењето на кривичните постапки. Во таа насока, тој упати критики до Обвинителството дека потфрлува во работата и дека тоа го потврдуваат сите можни мерења на јавното мислење во изминатите години.
„Тоа е факт. Јавното обвинителство доколку сака да ја заслужи довербата на граѓаните мора да испорача правда“,
изјави министерот за внатрешни работи.
Според Тошковски, обвинителот може да донесе одлука каква што цени дека треба да донесе, но како што додаде, пред фактите и боговите молчат.
Прашан како ќе се бори против обвинителката Катерина Коларевиќ, која ја водеше истрагата за случајот „Мазут“ и донесе одлука да ја затвори поради немање докази, Тошковски рече оти не планира да се бори со ниту еден обвинител, но рече дека предметот не бил соодветно процесуиран и јавноста не го знае она што го видел тој. Во тој контекст, министерот рече оти би сакал да верува дека е направен пропуст во текот на редовната работа на Обвинителството.
„Кога имате состанок со истражители кои ви велат: ‘министре, ова што се случува во овој предмет е во најмала мера надвор од памет’, јас прашувам зошто е тоа така. Тие појаснуваат дека станува збор за непостапување согласно доказите коис е темелно анализирани и кои даваат основано сомнение за криминал“,
рече Тошковски.
Инаку, за предметот „Мазут“ денеска на брифинг со новинарите говореше и државниот јавен обвинител, Ненад Савески, кој кажа дека тече рокот од 30 дена од приемот на приговорот од државните „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), во кој Вишото јавно обвинителство Скопје ќе треба да се произнесе, по што ќе се знае дали истрагата за случајот за набавката на мазут ќе се реотвори или предметот ќе остане затворен.
Кај кој виш јавен обвинител конкретно се паднал приговорот од ЕСМ, Савески не сакаше да сподели детали, иако новинарите инсистираа да го каже името на обвинителот Јован Цветановски, кој беше под суспензија за можни неправилности во распределбата на предмети. Савески посочи дека обврските на сите обвинители се исти и дека не треба јавнообвинителската работа да се врзува со конкретен обвинител. Кажа и дека секогаш кога ќе дојде до нов момент, истрагата може да продолжи.
Тој потврди и дека ЕСМ веќе поднеле барање за контрола врз нивната работа, но дека тоа би се направило откако ќе заврши постапката пред Вишото јавно обвинителство.
Савески неколкупати напомена дека одлуката за запирање на истрагата не е конечна. Тој рече дека, принципиелно, стои зад одлуката на обвинителката од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), која ја запре истражната постапка за случајот „Мазут“ поради немање докази.
Станува збор за истрага за набавките на мазут која траеше повеќе од една година, сè до моментот кога пред три недели надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ одлучи да ја затвори. Осомничени се 13 лица, меѓу кои бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски, ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, и други, за злоупотреба на службената положба и перење пари.
Министерот за внатрешни работи, во телевизиското гостување, говореше и за истрагата за наводната шпионска афера во претседателскиот кабинет, и притоа ги отфрли обвинувањата за бавност во постапката, нагласувајќи дека форензичката анализа на обемни докази бара време кое често ги надминува очекувањата на јавноста.

„Ќе оставам Јавното обвинителство да донесе одлука согласно она што го имаме доставено до нив, од анализираните докази кои беа анализирани од Секторот за компјутерски криминал при МВР и нека оцени Јавното обвинителство како смета дека треба да ја продолжи целокупната постапка. Јас одговорно тврдам дека во она што го имам како сознанија добиено дека овде ниту од далеку не можеме да говориме за нешто што би требало да значи шпионска афера“,
изјави Тошковски.
Тој направи и споредба меѓу одлуката на Обвинителството за гонење на организирана криминал и корупција за затворање на истрагата за „Мазут“ и поплаките дека МВР доцни со доставувањето на анализите во предистражната постапка што ОЈО ГОКК ја отворило по известување за извлекување податоци од копјутерскиот систем во претседателскиот кабинет.
„Од една страна имаме затворање на случај што згрозува од аспект на тежина на докази кои ги има во него, од страна на обвинител икс, од друга страна имаме отворање на афера во јавноста во истиот временски период, откако јавноста е згрозена од затворањето на случајот, без да ги знае деталите за случајот, со шпионска афера што била многу време работена во рамки на МВР, а тоа многу време е два месеци. Вас ова не ви е сомнително? Особено од аспект на она што ќе следи и во едниот и во другиот случај“,
рече Тошковски.
Тошковски, исто така, посочи дека тезата дека е потребно да се зголеми бројот на истражители во рамки на Обвинителство е неспорен и дека се работи на тоа, меѓутоа, како што посочи, тезата дека Јавното обвинителство нема доволно ресурси да испорача е неточна.
И покрај остриот тон и критиките за случајот „Мазут“, министерот за внатрешни работи рече дека соработката со одредени сегменти на Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е на високо професионално ниво. Тој особено ја истакна соработката со Обвинителството која резултирала со разбивање на бројни криминални групи во последните две години.
„Морам да констатирам дека со одредени обвинители имаме фантастична соработка, што се покажа преку бројни успешни акции. Одлична е комуникацијата и со дел од обвинителите во ОЈО Скопје, ОЈО Струмица и ОЈО Охрид кои чесно и професионално си ја вршат работата“,
рече Тошковски.
