Опозициската партија го повика Министерството за правда да не одолговлекува и итно од Унгарија да побара екстрадиција на експремиерот Никола Груевски
Полска веќе испратила официјални документи со директно барање за екстрадиција на своите политичари од Унгарија. Само владата на Мицкоски чека и сѐ уште нема поднесено барање за екстрадиција на Никола Груевски – коментираат од опозицискиот СДСМ откако полските власти ги исконтактирале властите во Унгарија и побарале одговори во врска со барањата за екстрадиција на двајца поранешни функционери.

СДСМ го повика Министерството за правда да не одолговлекува и итно да побара екстрадиција на Груевски.
„Според информациите со кои располагаме, Никола Груевски нема да добие азил во Турција, но му остануваат опции со кои води преговори. Тоа се Русија и Белорусија, а прашање е цената што ќе мора да ја ‘плати’ од парите на граѓаните на Македонија. Овие информации покажуваат дека постои реален ризик тој повторно да избега од дофатот на правдата. Очигледно, новиот Ванчо Михајлов во ВМРО, Христијан Мицкоски, намерно одложува и сака да ги избегне процесите – со единствена цел да се избегне политичка непријатност и одговорност. Со тоа му се дава можност на Никола Груевски за ново бегство“,
велат од СДСМ.
Опозиционерите коментираат дека додека други држави активно постапуваат и бараат одговорност, институциите во земјава се злоупотребуваат за прикривање, одолговлекување и заштита на партискиот интерес на Мицкоски.
