Според партијата, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски не се усогласени во изјавите за состојбата со водата во Гостивар оти едниот зборува за нови бактерии, а другиот уверува дека до крајот на неделата таа ќе биде безбедна за пиење
Оценуваат дека ваквата состојба не претставува само криза со водоснабдувањето, туку за системско труење на државата
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска реагираат дека проблемите со квалитетот на водата за пиење се шират и во други делови низ државата, оценувајќи дека наместо фокус на заштитата на јавното здравје, власта се занимава со собирање политички поени.

„Гостивар, Крушево, Валандово, Булачани, Пласница, Лешок, Преглово, Маврово. По седум града со отровна вода, по Лепенец и Вардар, по Башино Село, сега и водата од изворите во Елшани и Велестово во Охрид не се за пиење. Изгледа дека во Македонија веќе нема чисто место“,
се вели во партиското соопштение.
Според СДСМ, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски не се усогласени во изјавите за состојбата со водата во Гостивар оти едниот зборува за нови бактерии, а другиот уверува дека до крајот на неделата таа ќе биде безбедна за пиење.
„Секој си ја тера својата приказна. Собирање политички поени, наместо заштита на луѓето. Срам. На ВМРО и на Мицкоски повеќе им е важен рејтингот отколку здравјето на луѓето. Ќе ја отрујат цела Македонија. Кој знае уште колку општини и градови се загадени, а ние се уште не знаеме. Министерот за полиција Тошковски се занимава со хиперхлорирање како да работи во водовод“,
посочија од партијата.
Оттаму додаваат дека нема ниту одговорност за одлуките поврзани со користењето на техничка вода во Гостивар оти не се знае кој дал дозвола за нејзина употреба.
„Не сакаат да кажат која институција и кое лице дало дозвола за користење на техничката вода во Гостивар. Нема анализи, нема одговорно лице. Нема име и презиме. Никој не ставил потпис. Никој не ставил печат. Само лаги, измами и префрлање одговорност“,
велат од СДСМ.
Според СДСМ, ваквата состојба не претставува само криза со водоснабдувањето, туку за системско труење на државата.
Од партијата вчера побараа политичка и кривична одговорност за, како што велат, труењето на граѓаните во Гостивар и загадувањето на водата во повеќе населени места.
Министерот за здравство Сашо Клековски вчера рече дека има намалување на новозаболени што укажува на смирување на епидемијата во Гостивар. Очекува до крајот на неделата водата во Гостивар да биде безбедна за пиење.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека водата во Гостивар во моментов останува да се користи исклучиво како техничка и сè уште нема насоки дека е безбедна за пиење и готвење бидејќи по извршеното хиперхлорирање е утврдено дека фекалните бактерии се целосно отстранети од мрежата, но поради долгото некористење и силното прочистување на инсталациите, сега во цевките се појавила нова резидуална бактерија.
