Реакцијата на опозициската партија следува откако бизнисменот Чедомир Радомировиќ вчера беше пронајден со повреди на главата покрај автомобил во скопски Орман. МВР потврди дека починал откако им подлегнал на повредите на Клиниката „Мајка Тереза“
По случајот со бизнисменот Чедомир Радомировиќ, чија смрт утринава ја потврди МВР, опозицискиот СДСМ оцени оти состојбата со убиствата во земјава станува алармантна и го обвини министерот Панче Тошковски оти во последната половина година откако е на чело на МВР не е расчистено ниедно убиство.

„Во овој период од шест месеци откако ВМРО-ДПМНЕ раководи со МВР имаше пет убиства и три обиди за убиства и на ниеден случај нема разрешница. Нула проценти е ефикасноста во истрагите“,
велат од СДСМ.
Со оценка оти Тошковски е најнеспособниот министер со најслаба реализација во истрагите, од Социјалдемократскиот сојуз посочуваат оти тој треба да се повлече од функцијата. За ВМРО-ДПМНЕ, пак, од чии редови е министерот за внатрешни работи, оценија дека е партија која само на сон се бори против криминалот, а во пракса е безопасна за криминалците и насилниците.
„Неспособноста на Тошковски е опасност по безбедноста. Оваа неспособност на МВР е загрижувачка и ги охрабрува криминалците. Додека Мицкоски се сили како наводно криминлаците се плашеле од него, државата заличува на предградие на мексикански град каде владеат картелите“,
додаваат од опозициската партија.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во изјава за медиумите кажа дека во последните две-три недели, откако беше формирана новата Влада со него на чело, на криминалците им станало страв.
„Гледам овие две-три недели и на криминалците им станува страв. И на овие политичкиве и на овие другиве затоа што знаат дека нема веќе како досега“,
изјави вчера премиерот.