Од опозициската партија велат дека преку амандманите што ги имаат поднесено на предложениот ребаланс на Буџетот, бараат повеќе пари за младите, за демографските политики, за студентскиот и за ученичкиот оброк, како и за образованието
Владејачката партија во реакцијата на прес-конференцијата на СДСМ, меѓу другото, наведе дека буџетот за наука од 380 милиони денари, колку што бил во 2024 година, годинава изнесува 773 милиони денари, додека буџетот за високото образование во 2026 година е осум милијарди денари, или речиси тројно повеќе од тоа што бил во 2022 година, кога за универзитетите биле издвоени три милијарди денари
Покрај во собраниската Комисија за финансирање и буџет, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ, спротивставените ставови околу предложениот ребаланс на буџетот ги разменуваат и надвор од собраниската зграда, преку писмени соопштенија и реакции.

Тема на меѓусебни препукувања денеска беа младите, демографските политики и образованието, за кои социјалдемократите денеска обвинија дека власта, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, наместо да инвестира во нив, со ребалансот на Буџетот, напротив, крати од средствата предвидени за младите.
Ставовите на СДСМ на оваа тема ги изнесе подмладокот на партијата – СДММ, од каде што велат дека власта со ребалансот повторно покажала кои ѝ се приоритети.
„Наместо повеќе пари за младите и демографските политики, тие ги кратат средствата. Сега има помалку пари за демографски политики, за над 70 проценти – од 71 на само 21 милион денари. Програмата за млади ја кратат за уште еден милион денари. За младите нема пари, но затоа има милиони за нови задолжувања и криминални партиски тендери“,
велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека за две години ВМРО-ДПМНЕ како носител на власта ги задолжила младите и идните генерации за нови 2,5 милијарди евра, додека во исто време нема покачување на минималната плата на 600 евра, нема веќе пари за младите, за образованието и студентите.
Според СДСМ, младите не си заминуваат од државата затоа што не ја сакаат Македонија, туку затоа што власта им ја одзема перспективата, со спроведувањето на практиката партиската книшка да има поголема вредност од диплома, а врските да доминираат пред знаењето.
Од опозициската партија велат дека преку амандманите што ги имаат поднесено на предложениот ребаланс на Буџетот, бараат повеќе пари за младите, за демографските политики, за студентскиот и ученичкиот оброк, како и за образованието.
„Ќе продолжиме да се бориме за држава во која буџетот ќе инвестира во младите, а не во криминални тендери“,
порачуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ остро реагираа на наводите на својот политички опонент, наведувајќи дека младите и образованието се врвен приоритет на Владата, а потврда, меѓу другото, велат, е и тоа што по седум години власт на СДСМ и ДУИ и максимална запоставеност на овие општествени категории, сега по првпат уште во јуни има бесплатни учебници за сите ученици за следната учебна година.
Дополнително, велат од владејачката партија, буџетот за наука од 380 милиони денари, колку што бил во 2024 година, годинава изнесува 773 милиони денари, додека буџетот за високото образование во 2026 година е осум милијарди денари, или речиси тројно повеќе од тоа што бил во 2022 година, кога за универзитетите биле издвоени три милијарди денари.
„Стручното образование е унапредено, а дуалното системски уредено и регулирано со закон. Вклучени се 1 000 компании во практична подготовка на учениците и отворени се седум регионални центри за стручно образование и обука, а наскоро ќе се отвори и осмиот. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ драстично ја зголеми поддршката за учениците со посебни образовни потреби, ангажирајќи 1 350 образовни асистенти во основното и за првпат 150 во средното образование. За да ги поддржиме младите кои сакаат да одат по патот на науката, и да ги задржиме тука, ги изменивме условите за стипендирање на студии на најдобрите 100 светски универзитети“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на прес-конфрененцијата, која, според владејачката партија, ја држеле голобради момчиња со сомнително минато.
Од владејачката партија наведуваат и други проекти со кои велат оти било инвестирано во младите, како доделување ваучери, стимулирање на претприемништвото и проширување на опсегот за субвенционираниот студентски оброк. Оттаму велат дека за две години биле вложени 70 милиони евра во образовната инфраструктура од кои половина издвоило Министерството за образование и наука, а половина Владата за над 90 инфраструктурни проекти.
„Тоа што Македонија забрзува, СДС, ДУИ и Левица ги прави несреќни, но тоа е концепт кој го подржуваат граѓаните и сè додека е така, Македонија ќе оди напред“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во Собранието денеска продолжува работата на Комисијата за финансирање и буџет, која треба да ги разгледа и да се произнесе по поднесените 224 амандмани, од кои 87 се од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левица и осум од Влен.
Согласно со собранискиот Деловник, амандманската расправа може да трае најмногу десет работни дена, по што предлог-ребалансот ќе се најде на пленарна седница.
Во рамките на општиот претрес што почна на 3 јули, пратениците од власта и од опозицијата ги спротивставија ставовите. Според ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот има развојна компонента и предвидува нови, сериозни инвестиции во капитални инфраструктурни проекти, што ќе значи дополнителна екномска активност, нови работни места и подобар животен стандард, додека според СДСМ, проекциите се нереални, несериозни, тешко остварливи бидејќи се базирани на преоптимистички очекувања.
