Од СДСМ велат дека локалната власт во Град Скопје која на изборите беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ за само една и пол година успеала да го доведе градот до банкрот и побараа одговори од градоначалничката Данела Арсовска и од ВМРО-ДПМНЕ за тоа каде завршиле народните пари.
Во соопштението на СДСМ се вели дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде до власт и до парите на граѓаните, на Скопје му се случува катастрофа. Велат дека во јавноста веќе има информации дека Град Скопје е со блокирана сметка, иако при доаѓањето на власт, ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска наследија полна каса, со плус 13 милиони евра на сметка, со годишен буџет од над 100 милиони евра.
„Потрошија 100 милиони евра, а не изградија ништо, не реализираа ниту еден еден проект, не ги довршија ниту започнатите проекти. Граѓаните очекуваат одговори од Арсовска и од ВМРО-ДПМНЕ, каде се парите, каде завршија толку народни пари, дали тоа има врска со рацете во медот, со расипничко трошење на парите на народот“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Како резултат на недомаќинското работење, советничката група на СДСМ и коалицијата ќе побара свикување на итна седница на Советот на Град Скопје со единствена точка на дневен ред – расправа за актуелната финансиска состојба во Градот.