Според Славјанка Петровска, личната карта е издадена само една седмица по насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска објави бугарска лична карта, за која тврди дека е на Данела Арсовска, кандидатката за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска вели дека личната карта, која е се уште важечка, е издадена на 5 мај 2017 година, како што рече, само една недела по „крвавиот четврток“ односно насилниот упад во Собранието на 27 април.
„Г-ѓа Арсовска, со каква намера и цел ја подигнавте бугарската лична карта само неколку дена откако пропадна обидот да се убијат пратеници и да се спречи демократска промена на власта“,
праша Петровска на прес-конференцијата.
Таа рече дека Арсовска не може да се крие позади соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ а притоа да тврди дека е независен кандидат за градоначалник.
„Ништо не може да го сокрие фактот дека таа, освен што е конзул на Унгарија, освен што е потврдена инсталација на Груевски, поседува и бугарско државјанство и бугарска лична карта. Ваков потценувачки однос, вакви подметнувања не проаѓаат кај граѓаните на Скопје. Не проаѓа во Скопје странска инсталација која работи против интересите на граѓаните. Граѓаните на Скопје бираат градоначалник, а не кмет“,
рече Петровска.
Таа вчера објави документ од бугарското Министерство за правда, како аргумент дека Арсовска има бугарско државјанство, потврдено со указ потпишан од бугарскиот вицепретседател. По овие тврдења за бугарско државјанство, ВМРО-ДПМНЕ излезе со демант, посочувајќи дека кандидатката за градоначалник на главниот град нема бугарски пасош.