Во разговор за „Утрински брифинг“, премиерот вели дека очекува кандидатката за градоначалник, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, да се повлече од трката за Скопје, затоа што, како што вели, не смее да ги понижува граѓаните криејќи го тој момент од нејзината биографија
Во Скопје се избира градоначалник, кмет се избира во Бугарија. Имало Скопје кмет во 1941 година, но овде избираме градоначалник, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој, исто така, тврди дека кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, има бугарско државјанство.
Во разговор за „Утрински брифинг“, Заев посочува дека Арсовска не ги дематирала директно сознанијата што ги објави СДСМ дека таа пред една деценија се стекнала со државјанство на Бугарија. Тој вели дека очекува кандидатката за градоначалничка да се повлече од изборната трка.
„Многу е сериозна оваа работа. Таа не демантира. Чист демант нема. Вистината ќе излезе до крај. Тврдам дека Данела Арсовска е државјанин и на Бугарија. И тука нема ништо лошо, но проблемот е политички, етички, нечесен. Мора да им кажете на своите граѓани. Скопјани верувам дека нема да дозволат да бидат изманипулирани. Во живот ако се определите да бидете претставник на странска држава, тогаш тоа го работите. Не можете да биде претставник на странска држава, а да водите ’влада во влада’. Очекувам Аровска да се повлече веднаш, ако малку ги сака Скопје и скопјани. Ова е понижување“,
додава премиерот.
Зборувајќи за исходот од првиот изборен круг и можните разврски за неговата политичка кариера во зависност од резултатите на 31 октомври, Заев рече дека како и многу други така и тој поминува низ тешки периоди. Исто така, посочува дека главната опозициска партија во првиот круг го достигнала својот максимум во гласови и дека нема капацитет да апсорбира поголема поддршка од таа што ја доби на 17 октомври.
„Целта на наративот дека ја ставам на коцка мојата лична кариера, поврзано со Скопје, е да повикам на одговорност на граѓаните, пред себе, пред татковината. Изборите профилираат правец на движење на државата. Кога седиме дома ништо не помагаме, напротив одмагаме. Тогаш не е јасно во кој правец сакаат мнозинството граѓани да се движат. Ги следиме аналитиките. ВМРО-ДПМНЕ го достигна плафонот. Нема повеќе апсорбциски капацитет поради нивните политики. Нашите политики имаат поголем апсорбционен капацитет. Тука е НАТО, суперлативите од европските лидери кон С Македонија. Вториот дел е концептот ’едно општество за сите’. Тука има еден огромен потенцијал што остана дома, а треба да излезе на гласање. Затоа повикот е кон тие луѓе – излезете затоа што пропуштате и вие да учествувате во дефинирањето на иднината на државата“,
вели Заев.
–