Анкетата за која утрово брифираа од опозициската партија за нејзини потреби ја спроведе ИПСОС и на прашањето „Доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори за кој би гласале?“, 18,2 отсто од испитаниците рекле дека ќе се одлучат за ВМРО-ДПМНЕ, а 9,5 отсто одговориле дека ќе гласаат за СДСМ
Ниту една лажна партиска анкета не може да ги покрие неработењето и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од СДСМ откако од опозициската партија брифираат за анкета на ИПСОС во кој имаат речиси двојна предност.
Социјалдемократите сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ на овој начин сака да го тргне фокусот од градоначалниците кои, според нив, работат катастрофално, како и судските пресуди против членови на поранешното партиско раководство.
„Последната анкета е само неуспешен обид да се дефокусира јавноста од реалноста, а таа е катастрофалната работа на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ односно неработа. Ниедна нарачана анкета од ВМРО-ДПМНЕ не може да ги покрие скандалите во кои е вмешан Мицкоски ниту, пак, срамот од многубројните судски случаи, од ’Плацови на Водно‘, па сè до ’Титаник‘ против членови на партиското раководството на најкриминалната партија во Европа“,
велат од СДСМ.
Анкетата за која утрово брифираа од опозициската партија за нејзини потреби ја спроведе ИПСОС и на прашањето „Доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори за кој би гласале?“, 18,2 отсто од испитаниците рекле дека ќе се одлучат за ВМРО-ДПМНЕ, а 9,5 отсто одговориле дека ќе гласаат за СДСМ. Во однос на довербата, пак, прв според рејтингот е Христијан Мицкоски со 9 отсто, втор е претседателот Стево Пендаровски со 6 отсто, а потоа премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски со 4 отсто.