Мицкоски врши упади во други политички партии само за да го прикрие фактот што не го исполни ветувањето дека ќе поднесе оставка ако не победи на изборите и ако не успее да состави влада, реагираат од СДСМ, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ информираше дека дел од членството на Интегра преминува во нивни редови, обвинувајќи ја партијата и нејзиниот претседател дека биле финансиски мотивирани од други политички партии со цел да направат штета на опозицијата.
„Губитникот Мицкоски прави сѐ само да не го исполни ветувањето за оставка по поразот на изборите, граѓаните порачаа дека со ВМРО-ДПМНЕ напредок не е можен. Очајот и фрустрациите од третиот последователен пораз кај Христијан Мицкоски не стивнуваат“,
се вели во соопштението.
СДСМ се осврнаа и на протестите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги нарекуваат лицемерни, како и за најавите за окрупнување на опозицискиот блок.
„Наместо оставки и реформи, Мицкоски организира лицемерни протести на кои неговите приврзаници со скапи автомобили глумат загриженост за цената на струјата, а се со цел, да ја задржи фотелјата во Белиот дворец. Најавата за формирање таканаречен опозициски блок е само уште еден во низата блефови на Мицкоски, тој одамна ја нема поддршката од граѓаните, заради неговото незрело, неодговорно и деструктивно однесување. Граѓаните јасно порачаа дека сакаат да продолжат по патот на напредокот, развојот и интеграциите и дека тоа не можно со ова нереформирано ВМРО-ДПМНЕ, затоа оваа партија и Мицкоски уште догло ќе бидат опозиција“,
велат од СДСМ.