СДСМ денеска избира заменик-претседател на партијата, членови на Централниот одбор и членови на Надзорниот одбор. По конгресот следуваат состаноците на кои ќе се бираат потпретседатели на партијата, генерален секретар, организациски секретар, секретар за меѓународна соработка, Извршниот одбор на партијата, односно управното раководство.
Почетокот на дигиталниот конгрес е закажан за 13 часот, а ќе го отвори и води претседателот на партијата, Зоран Заев.
Во моментов, заменик-претседател на Социјалдемократскиот сојуз е Радмила Шекеринска, генерален секретар на СДСМ е Љупчо Николовски, а потпретседатели Мила Царовска, Оливер Спасовски, Коста Петров и Мухамед Зеќири.
Вчера, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев не сакаше да говори за тоа кој би се нашол во новото раководство. Партијата, рече тој, е отворена за нови луѓе.
„Не би можел ништо да кажам заради тоа што нема оформено предлози, односно секој може да има свои идеи во главата, почнувајќи од мене како прв меѓу еднаквите во СДСМ, и овластен предлагач согласно статусот на Социјалдемократскиот сојуз, но сето тоа е безвредно ако органите и телата како овластени предлагачи не го предложат пред самиот Конгрес,“
изјави Заев.
Според информации на „360 степени“, повеќе од половина од 120 кандидати што денеска ќе им бидат предложени за избор на делегатите на конгресот се нови имиња, односно не се членови на досегашниот состав на ЦО, кој беше избран во 2017 година. Како што велат извори од раководството на СДСМ, дел од кандидатите не само што не се членови на овој состав на ЦО, туку досега воопшто не биле дел од партиското раководство.
Според информации од партијата, право на глас на денешниот конгрес имаат 890 делегати. Освен 120 членови на ЦО, тие треба да изберат и девет членови во новиот состав на партискиот Надзорен одбор.
Но, со оглед на тоа што гласањето за избор на партиските органи е тајно, прашање е како ќе се реализира тоа без гласачки кутии и во ситуација кога делегатите нема да бидат физички присутни на едно место, со исклучок на досегашните членови на партиското раководство кои треба да се соберат во централата на „Бихаќска“.