Немајќи што да понуди, Христијан Мицкоски, промовира проекти на СДСМ кои се спроведуваат и кои според неговото признание се мега проекти во енергетиката, реагираат од владејачката партијата на прес-конференцијата на лидерот на опозицијата на која тој најави низа проекти како предизборно ветување.
Социјалдемократите велат дека токму кога Мицкоски бил советник на Никола Груевски за енергетика и директор на АД ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) во државата се случувал пустош во енергетиката.
„Во тек е интензивна гасификација на Северна Македонија. Инсталирани и изградени се 101 километар цевки за гас во рамки на примарната мрежа на делниците Неготино – Кавадарци –Прилеп – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар. Степенот на реализација изнесува 74 проценти. Денес, целосно се завршени сите административни процедури за интерконекторот за гас со Грција. За ова добивме европски грант од 13 милиони евра. Мицкоски и Груевски, 11 години инсистираа на целосна зависност од рускиот гас“,
велат од СДСМ.
Оттаму потенцираат и дека 108 јавни објекти во над 40 општија имаат фотоволтаични систем со кои годишно се заштетуваат 196 000 евра од општинските буџети, како и дека веќе во здравството веќе се гасифицирани Клиничкиот центар и болницата „8-ми септември“, а во соработка со канцеларијата на ЕУ во тек е проект за гасификација на сите болници во државата (Битола,Охрид,Кичево,Прилеп,Тетово), додека болниците во Куманово и Струмица се приклучуваат на локалната гасоводна мрежа. Социјалдемоктатите потсетуваат и дека Владата доделила дозволи за 35 мегавати нови фотоволтаични електрани за кои не се плаќа никаква тарифа., а ЕСМ е пред почеток на изградба на нова електрана од 10 мегавати во стариот рудник Осломеј.
„Исто така, во тек е на оваа фотоволтаична електрана со 100 Мефавати –проект кој е пример во регионот ,честопати споменуван од Енергетската заедница. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ за 11 години се изградија само 18 мегавати фотоволтаични електрани, за кои ние граѓаните 20 години ќе плаќаме вртоглаво високи цени на енергијата. ВМРО-ДПМНЕ повторно во отсуство на свои идеи копираат идеи кои СДСМ веќе ги применува со доаѓањето на власт. Во таа насока се и енергетски ефикасните фасади, проект кој функционира и граѓаните имаат придобивки од него“,
посочуваат социјалдемократите.
Тие му реплицираат на Мицкоски и во однос на неговите ветувања дека за 50 отсто ќе се намали загадувањето на воздухот, па во таа насока велат дека досега презеле низа мерки како подигање на нови зелени површини, субвенции за замена на нееколошките возила, замена на старите градски автобуси, субвенции за инвертори, велосипеди, електрични тротинети итн.
„ВМРО-ДПМНЕ нема образ да зборува на овие две теми. Мицкоски мисли нешто ново да им понуди на граѓаните, тоа и нека го направи. Мерки и проекти на СДСМ кои денес функционираат да не копира“,
велат од СДСМ.
Мицкоски, пак, денеска вети брза гасификација на целата држава, бесплатен приклучок на гас за секое домаќинство и 50 отсто субвенции за ставање енергетски ефикасна фасада, прв Ветерен парк во земјава и нова Термоелектрична централа во Источна Македонија.