Владејачката СДСМ брифира дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски воопшто не го отворил прашањето за здравјето на граѓаните на вечерашната средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев кај претседателот Стево Пендаровски. Ставот е директна реакција на брифингот од страна на ВМРО-ДПМНЕ по средбата.
Според најголемата партија во владејачката коалиција, целта на Мицкоски на средбата била да предизвика што поголема збрка од правни прашања за кои законите и процедурите се јасни.
„Најпрво го отворил прашањето дали мисијата на ОБСЕ – ОДИХР може да дојде од утре, што е нелогично. Мисијата треба да добие точен датум, да се организира и да пристигне. Мисијата веќе најави дека ќе прати набљудувачи“,
брифираат од СДСМ.
Од владејачката партија велат и дека Мицкоски спорел дека ДИК нема доволно време за да ги спроведе изборите иако, велат од СДСМ, ДИК е извршно тело а законот и Уставот се јасни дека процесот продолжува во следните 22 дена од моментот на завршување на вонредната состојба. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, брифираат од СДСМ, барал и процесот со избирачкиот список да се врати од почеток, со увид, иако тој е одамна завршен.
Преписката меѓу двете најголеми партии следи по вечерашната два и пол часовна средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, по која првично беа откажани најавените изјави, за по притисокот на новинарите да соопштат само дека не се договориле. На нивните изјави, немаше одговор на новинарските прашања.