Нема да има никаква асимилација на македонскиот народ, ниту граѓаните ниту СДСМ тоа ќе го дозволат. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ. Ова е идентично однесување на Мицкоски кој лажеше дека државата ќе ни се распрачела, кој пред Бојко Борисов велеше дека „го поткрепа“ Договорот, реагира СДСМ
Наместо да застане зад државните интереси, Христијан Мицкоски и на верски празник шири невистини, неосновано ја плаши јавноста, со што ги поткопува државните позиции, реагираат од СДСМ на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во која тој рече доколку Владата потпише документ со кој билатералните проблеми со Бугарија би се вметнале во преговарачката рамка тоа би значело дека нема да влеземе во ЕУ додека не се бугаризираме.
„Нема да има никаква асимилација на македонскиот народ, ниту граѓаните ниту СДСМ тоа ќе го дозволат. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ. Ова е идентично однесување на Мицкоски кој лажеше дека државата ќе ни се распрачела, кој пред Бојко Борисов велеше дека ’го поткрепа‘ Договорот. Истиот тој Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ лажеа дека ќе се населеле еден милион мигранти, дека со Законот за јазиците секој ќе мора да учи друг јазик и што ли уште не. Тоа е Мицкоски, на денот кога сите се свртени кон духовното, тој продолжува да тера политикантство и лажни вести“,
велат од СДСМ.
Мицкоски изјавата ја даде одговарајќи на новинарски прашања за коментар на изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за ТВ Нова каде кажа дека Бугарија треба да го помести ветото за македонските евроинтеграции, а не да го подигне. Според него, бугарските барања треба да бидат вклучени во преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ и Европа да гарантира дека ќе бидат исполнети.
Денеска Петков излезе со уште една изјава за БТВ во која вели дека размислувањето дали да се укине ветото или не, е погрешен начин зашто, како што порачува, земјава би влегла во Унијата најрано за 10 години. Бугарија, според него, едноставно може да ги постави своите услови низ поглавјата од преговорите и двете држави ќе имаат 10 години да работат заедно.
„Северна Македонија ќе биде во Европската унија најрано после 10 години. Има многу поглавја на нејзиниот пат кон Европа. Ние едноставно треба да ги поставиме нашите услови – на пример, за Уставот пред отворањето на првото поглавје. На овој начин, со укинувањето на ветото, ние на Северна Македонија ѝ даваме пат да тргне. Но, во овие посебни поглавја можеме да ги ставиме сите услови кои ни се неопходни, и така нема да го решиме проблемот што моментално постои за една или две недели, туку ќе имаме 10 години да работиме заедно за да може Северна Македонија навистина да биде европска држава и сите права на Бугарите таму да бидат целосно заштитени. Значи, пристапот треба да биде попаметен“,
рече Петков за БТВ.