Христијан Мицкоски конечно призна дека ВМРО-ДПМНЕ има незаконски долг од 400.000 евра за кампањата на Гордана Силјановска – Давкова. Дали долгот има врска со рекет во самата ВМРО-ДПМНЕ?, прашуваат од владејачката партија СДСМ во реакција на изјавата на лидерот на опозицијата во врска со негативното салдо на изборната сметка.
Долгот на ВМРО-ДПМНЕ е во врска со печатење маици за кампањата за претседателските избори.
„Спротивно на членот 71 од Изборниот законик каде што јасно стои дека сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на таа сметка. Сметката е затворена, а незаконскиот долг од 400.000 евра не може да се врати од друга сметка. Прашање е зошто тие фирми молчеле за овој долг и тоа е нова димензија на оваа афера. Скандалот, најновата афера во ВМРО ДПМНЕ мора да се расчити, особено што е поврзан и со фирми на Орце Камчев, осомничен во предмети на СЈО“, наведуваат од СДСМ.
Оттаму го повикуваат Мицкоски да се охрабри и да одговори, како што наведуваат, што финансирале фирмите на Камчев за ВМРО-ДПМНЕ и дали долгот има врска со рекет во самата партија.
Лидерот на опозицијата, пак, на денешната прес-конференција посочи дека немаат дупка од 400.000 евра туку станува збор за обврска кон фирма која ќе ја подмират.
Но, потенцираше тој, тоа не е донација од Камчев туку станува збор за фирма која години наназад се занимава со печатење маици. Во однос на прекршувањето на Изборниот законик, тој не смета дека истиот е прекршен.
„Никаде не стои дали средствата на изборната сметка ако не се доволни тоа подразбира дека имаме каква било поинаква одговорност. Ставот 11 од овој член е прецизен и вели дека три месеци по изборите политичката партија е обврзана да ја затвори таа сметка така што понатаму обврските се преземаат од страна на правното лице, во случајот политичката партија“, рече лидерот на опозицијата.
Порталот Нова ТВ на 15 ноември објави дека партијата од фирмата „Полиестердеј нарачала за печатење 270.000 маици. Но, бидејќи оваа фирма немала доволно, 100.000 парчиња купила од МОНТ на „Орка холдинг“.
Пред четири дена полициски инспектори влегоа во овие две фирми да ја проверат документацијата откако МВР испратило допис до скопското обвинителство за сомнителни околности во врска со финансиските извештаи на една политичка партија и дека треба да се направат дополнителни проверки за евентуални нерегуларности.
Покрај двете домашни, македонската полиција, според информациите, преку меѓународната соработка проверува и една фирма во Шпанија.
Влегувањето во фирмата „МОНТ“ на Камчеви тогаш го потврдија и тие.
Од компанијата „Орка холдинг“, од која дел е „МОНТ“, наведоа дека двајца инспектори од МВР проверувале документација и нагласуваат дека нема ништо спорно во работењето на фирмата.
„Ниту компанијата МОНТ ниту ‘Орка холдинг’ на каков било начин имаат учествувано во предизборната кампања на г-ѓа Сиљановска на претходните претседателски избори. Маиците од компанијата МОНТ, која работи во областа на текстилната индустрија, беа нарачани и набавени единствено на страната на ‘Полиестердеј’, компанија со која ние имаме долгогодишна соработка, а која во случајов е наш должник и станува збор за долг за кој веќе имаме испратено опомена пред тужба до должникот. Со понатамошните активности на ‘Полиестердеј’ по набавката на маиците не сме никако поврзани ниту навлегуваме во истото“, рекоа од „Орка холдинг“.