Од опозициската партија нагласуваат дека не се мешаат во судството и бараат итна и целосна одговорност за сите вклучени во договореното бегство на Михаилова

Опозициската СДСМ преку две соопштенија утринава упати обвинувања до власта, тврдејќи дека правосудниот систем се користи за политичка кампања и дека законите не важат исто за сите граѓани.
Според опозицијата, напуштањето на земјата на Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, е резултат на директни договори „под маса“.
„Зад грбот на народот се договорија со Бугарија и ја пуштија Ива Михаилова преку граница. Муцунски договарал, Тошковски ја пуштил, а Мицкоски дал амин. Наместо одговорност од Тошковски сега народот гледа театар. Се повикува амбасадорот на Бугарија, се распишува потерница, се бара притвор, префрлаат одговорност на некој друг, се тера медиумска кампања, криви им се Филипче, Заев, СДСМ“, реагираат од СДСМ додавајќи дека границата е швајцарско сирење и решето и за криминалци и за бегалци од правдата.
Од СДСМ наведуваат и други примери кои, според нив, покажуваат дека законите не важат исто за сите.
Посочуваат дека второобвинетиот во случајот „Државна лотарија“, Артан Груби, излегува од куќен притвор прославувајќи со факели и петарди. Реагираат за пуштањето на проектот „Безбеден град“ без законска контрола и за изјавите за користење на софтверот „Пегазус“ за снимање разговори.
Од СДСМ ги спомнуваат случаите на неоткривањето на шверцот со пет тони дрога, насилството од страна на лица блиски до власта и занемарувањето на пријавите за семејно насилство.
Тврдат дека премиерот Мицкоски директно се меша во работата на обвинителството, одлучува од собраниска говорница и преку телефон.
Од опозициската партија нагласуваат дека не се мешаат во судството и бараат итна и целосна одговорност за сите вклучени во договореното бегство на Михаилова.
Оттаму побараа одговори од министерот да каже како излегла Михаилова, како поминале пет тони дрога, зошто бодигардот е на слобода, зошто пријавите за насилство не добиле одговор и зошто обвинителот работи преку телефон.
„Бараме оставка веднаш од Панче Тошковски како министер кој раководи со полицијата и граничните служби. Законот мора да важи за сите еднакво. Граѓаните заслужуваат правда, а сите одговорни ќе одговараат пред независно судство и пред европските институции“, порачуваат од СДСМ.
