Инспектори од МВР влегле во две домашни и една странска фирма, од кои дел се поврзани со бизнисменот Орце Камчев, а контролата е во врска со долг од околу 400.000 евра за финансирањето на политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори од април и мај годинава.
Станува збор за предистражна постапка која ја води ОЈО Скопје.
Извори од истрагата за „360 степени“ велат дека акцијата е за три фирми – МОНТ и „Полиестер деј“ и се спроведува со меѓународна соработка, бидејќи една од фирмите е од Шпанија.
„По наредба од надлежен суд и од обвинител, денеска МВР е во неколку фирми за да се изврши контрола, проверка на сите факти, аргументи кои се дадени во наредбата. Тоа е работа на полицијата која ќе влегува во сите фирми и ќе спроведуваме постапки за сѐ каде што ќе имаме сомнежи за криминал. Од МВР нема информации, со имиња, во кои фирми се влезени. Јас само потврдувам дека се работи на расчистување на работите во три фирми, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски Спасовски денеска во Прилеп.
Републичкиот обвинител Љубомир Јовески утрово ја промовираше новата веб-страница на Јавното обвинителство, но немаше информации за акцијата.
„Најверојатно тоа е акција на МВР, во моментов немам информации“, рече Јовески.
Од компанијата „Орка холдинг“, од која дел е МОНТ, потврдуваат дека двајца инспектори од МВР проверувале документација и нагласуваат дека нема ништо спорно во работењето на фирмата.
„Ниту компанијата МОНТ ниту ‘Орка холдинг’ на каков било начин имаат учествувано во предизборната кампања на г-ѓа Сиљановска на претходните претседателски избори. Маиците од компанијата МОНТ, која работи во областа на текстилната индустрија, беа нарачани и набавени единствено на страната на ‘Полиестердеј’, компанија со која ние имаме долгогодишна соработка, а која во случајов е наш должник и станува збор за долг за кој веќе имаме испратено опомена пред тужба до должникот. Со понатамошните активности на ‘Полиестердеј’ по набавката на маиците не сме никако поврзани ниту навлегуваме во истото“, велат од „Орка холдинг“.
Со став излегоа и од политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, вели дека има нервоза кај власта поради случајот „Рекет“ и се обидуваат да спинуваат.
„Владата е нервозна во врска со случајот ‘Рекет’ и нашите сознанија говорат дека навистина има и зошто да биде нервозна. Владата ќе има реакции за да спинува или за да влијае на кои било потенцијални сведоци кои би можеле да разоткријат нешто дополнително во аферата“, рече Милошоски одговарајќи на новинарско прашање.
Од владејачката партија СДСМ, пак, повикувајќи се на ревизорските извештаи, велат дека се работи за долг на опозицијата за кампањата на нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, на сметка која е затворена, што е спротивно на законот.
„Согласно Изборниот законик (член 71) сите трошоци за кампањата исклучиво треба се покријат од средствата на таа сметка. Долгот на ВМРО-ДПМНЕ од 400.000 евра останал, а сметката за оваа кампања е веќе затворена. Значи веќе нема законска основа за покривање на овој огромен долг. Очигледно, ВМРО-ДПМНЕ и потписникот на сметката за овие избори, генералниот секретар Игор Јанушев, не го почитувале Изборниот законик“, изјави портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.
НОВАТВ минатиот месец објави текст во кој повикувајќи се на документи кои ги поседува редакцијата, се тврди дека најголемата опозициска партија ја затворила трансакциската сметка која ја користела за претседателските избори, иако имала долг од околу 400.000 евра на фирми кои печателе маици за кампањата на нивната кандидатка Силјановска Давкова.