Лидерот на СДСМ денеска на прес-конференција најави дека ќе предложат сет од седум мерки со цел подобрување на стандардот на граѓаните
Опозицискиот СДСМ ќе предложи усвојување сет од седум економски мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните со цел да го сопре зголемувањето на цените на основните прехранбени продукти, посочи на денешната прес-конференција лидерот на партијата, Венко Филипче.

Според него, одлуката на Владата за замрзнување на маржата на 10 проценти во трговијата на мало и големо, мерка што се очекува денеска да биде донесена на владина седница, е задоцнета и ќе нема ефект бидејќи е однапред најавена, што им остава простор на трговците дополнително да ги избаждарат цените.
Како што посочи Филипче, СДСМ ќе предложи намалување на ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 проценти, намалување на ДДВ на основните прехранбени продукти што со најавената мерка за ограничување на маржите би можело да доведе до намалување на цените за 30 проценти, zамрзнување на цените на основните прехранбени производи за следните три месеци, фиксирање на маржите, итно да се спроведе Законот за нефер трговски практики, намалување на цената на зелениот картон и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите.
„Во следниот период во приватниот сектор со цел да има зголемување на платите треба на компаниите да им се олесни системот и да не плаќаат дополнителна одредена сума за придонеси, значи да остане замрзната на онаа плата којашто е сега, а сето останато зголемување кое може да биде од 3 000 до 15 000 денари да оди директно кај работниците, при тоа работодавачите да не плаќаат придонеси на таа дополнителна сума на средства“,
рече Филипче.
Денеска на владина седница се очекува да биде донесена одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо. Според најавите, таа ќе трае до 30 април.
Ограничувањето на маржата ќе биде на истите 73 групи производи кои беа во претходните кошници, но треба да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.
Одлуката за ограничување на маржата е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат кој покажува дека кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибутери се утврдени повисоки маржи кои одат дури и до 50 проценти.
Новооснованата Стопанска комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун ја оспорува владината одлука за ограничување на маржите на производите на 10 проценти и бараат итно да се најде заедничко решение.