Општинската организација на СДСМ во Карпош ја искритикува власта дека „се китела со негови перја“ кога вчера го промовира новиот затворен базен во скопски Карпош, а сега, како што велат, покажува моќ над опозицијата
По наводите во дел од медиумите дека поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, е опфатен во акција на Финансиската полиција и ОЈО ГОКК, општинската огранизација на неговата матична партија СДСМ во Карпош изрази поддршка за својот сопартиец.
„Поддршка за нашиот другар Богац! Стефан Богоев, другар со тебе сме“,
велат оттаму.

Општинската организација на СДСМ ја искритикува власта дека „се китела со негови перја“ кога вчера го промовира новиот затворен базен во скопски Карпош, а сега, како што велат, покажува моќ над опозицијата.
Борба со опозицијата, додаваат оттаму, не се прави на кукавички начин од страна на моќ.
„Со проектот на Стефан Богоев за покриениот базен во салата Партизан во Карпош се китевте со неговите перја. Во немоќ да се справите со ветените обврски со кои дојдовте на власт во Карпош за кои секој ден сте сè поголемо и поголемо разочарување на вашето членство, како и на карпошани, сакате со замајување на јавноста да го покриете срамот за повлекувањето на градоначалникот. Борете се ферски а не силеџиски во Карпош! Не ја потценувајте интелегенцијата на карпошани“,
велат од општинската организација на СДСМ во Карпош.
Реакцијата следува откако вчера беше објавено дека во акција на Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се приведени повеќе лица под сомнение за корупција. Дел од медиумите, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека меѓу приведените е и поранешен директор на Царинската управа и ексградоначалник на Општина Карпош од СДСМ поради сомнежи за злоупотреби при спроведување постапки за јавни набавки.
