Како доказ дека раководствата на двете партии – едната на власт, а другата во опозиција – не се непријатели туку партнери во распределбата на моќ, од Левица посочуваат на вчерашната ослободителна пресуда за експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во предметот „Талир 2“ и одбивањето за конфискација на седиштето на партијата
Политичката партија Левица денеска повторно го обвини Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) дека има таен договор со ВМРО-ДПМНЕ за измените на Изборниот законик. Наводите на Левица конкретно се однесуваат на нивното барање за промена на изборниот модел од актуелните шест во една изборна единица, што, како што велат, не им оди во прилог на двете партии кои наводно имаат договор да остане актуелниот модел.

Инаку, реакциите и обвинувањата на Левица доаѓаат откако социјалдемократите од „Бихаќска“ го отфрлија нивниот повик да учествуваат на координативен состанок на опозициските партии во парламентот на кој би се постигнала заедничка позиција за измените на Изборниот законик. Состанокот, чиј иницијатор беше Левица, не се одржа, а секоја од партиите од власта и опозицијата остана на своите ставови за Изборниот законик, за кој денеска е последниот рок да биде постигнат компромис за да може да влезе во корпусот исполнети обврски од Реформската агенда.
„Постојат политички чинови што се мерат во дневни поени и постојат чинови што се мерат во историски пресуди. Одбивањето на СДСМ да се вклучи во опозициско обединување за една изборна единица припаѓа на вториот вид и претставува свесна саботажа! СДСМ останаа цврсто на тајниот договор со ДПМНЕ за Изборниот законик да остане недопрен – како оперативна спогодба меѓу актерите на стариот поредок со цел овој модел да преживее бидејќи токму тој модел ги храни нив и оди на штета на Левица“,
се вели во соопштението од партијата.
Оттаму наведуваат дека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, преку многумандатни изборни единици, кои според Левица се нацртани со хируршка прецизност, тежнеат да ја заштитат сопствената положба, односно изборниот модел што им обезбедува пратенички места несразмерни со „реалната тежина што ја имаат кај граѓаните“.
Според Левица, иако двете партии настапуваат со различна реторика и играат секој своја улога во однос на Изборниот законик, исходот е идентичен – да се оневозможи опозициско обединување за една изборна единица. Од партијата тврдат дека опозициско обединување за една изборна единица би можело конечно да го скрши тој циклус, да наметне заедничка сила пред авторитарната власт на ВМРО-ДПМНЕ, но СДСМ „гледајќи поголем ризик во непочитувањето на договорот со Мицкоски, отколку во непочитувањето на ставот на нивното членство и нивните принципи“, одлучил идејата да згасне уште во зародок.
Како доказ дека раководствата на двете партии – едната на власт, а другата во опозиција – не се непријатели, туку партнери во распределбата на моќ, од Левица посочуваат на вчерашната ослободителна пресуда за експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во предметот „Талир 2“ и одбивањето за конфискација на седиштето на партијата.
Од опозициската партија велат дека правната подлога за оваа пресуда и за уште многу други застарени предмети за поранешни и актуелни функционери на ВМРО-ДПМНЕ директно произлегува од скандалозните измени на Кривичниот законик од 2023 година кои, како што наведуваат од Левица, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заедно ги донеле.
„Истите раководства кои јавно глумат непомирлив судир, во пракса, кога станува збор за заштита на функционери, амнестии или за заштита на изборен систем што им оди во прилог, наеднаш пронаоѓаат заеднички јазик, тактика и кворум. Овие две партии веруваат дека со тоа истовремено ѝ штетат на Левица и си обезбедуваат сопствен опстанок – преку изборниот модел и повторната не можност за политичко рекламирање на Левица (како единствена партија на која тоа право и е ускратено). Меѓутоа, се лажат. Договорите зад затворени врати можат да го отежнат патот, но не можат да ја избришат сѐ поголемата поддршка од народот. Скопје веќе покажа дека таа поддршка не чека дозвола од Собранието за да се манифестира“,
велат од партијата.
Оттаму порачуваат дека секој нов договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ само го продлабочува јазот за тоа што овие партии сè уште мислат дека контролираат и тоа што реално веќе им се лизга од раце.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со соопштение во кое велат дека опозициските СДСМ, Левица и ДУИ немаат намера да се договорат за заеднички предлог за измени на Изборниот законик, како што од нив побара партијата. Оттаму сметаат дека всушност заедничка цел на трите опозициски партии е воопшто да не се донесе нов Изборен законик.
Од опозицискиот СДСМ, пак, ја оценија како свесна манипулација тезата дека блокадата на Изборниот законик ја спречува Македонија да напредува кон Европската Унија. Според социјалдемократите, ЕУ не бара промена на Изборниот законик, туку кредибилни избори, независно судство и борба против корупцијата.
