„За сите инциденти сторителите не се пронајдени, а од 10 убиства и обиди за убиства, Тошковски успеа да расчисти едвај еден случај“, велат од СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска реагира по синоќешното пукање во скопската населба Чаир обвинувајќи дека со оваа власт улиците се „див запад“.
„Повторно пукање, со ДПМНЕ и Тошковски улиците се ‘див запад’. Секоја вечер во нашите градови има нови инциденти, пукања, насилство и криминал. Вчеравечер во Чаир во пукотница е повредено 19-годишно момче со четири прострелни рани“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Според нив, ова сведочи за целосната неспособност на министерот за внатрешни работи Тошковски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, и додаваат дека граѓаните стравуваат за својата безбедност.
„Имаше пукање во Чаир, во Арачиново, се случи убиство кај ‘Мавровка’, а пред тоа пукања имаше и во Синѓелиќ, Батинци, Тетово, и на Пластичарска улица. За сите овие инциденти сторителите не се пронајдени, а од 10 убиства и обиди за убиства, Тошковски успеа да расчисти едвај еден случај“,
велат од СДСМ.
За само 100 дена, велат од СДСМ, ова е еклатантен пример за неспособна власт каде што криминалците прават што сакаат.
Оттаму упатуваат прашање до премиерот Христијан Мицкоски дали ќе покаже храброст и ќе го повика Тошковски на одговорност или, како што велат, повторно ќе застане во негова одбрана.
