Како контраобвинување во соопштение СДСМ наведува дека Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал и незаконски стекнат имот врз грбот на граѓаните

Владејачката СДСМ, по објавувањето на аферата „тајни имоти“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение им порача доколку навистина поседуваат некакви информации за функционери кои не пријавиле имот и сториле некаков прекршок, тие да ги достават до надлежната институција, а тоа е Државната комисија за спречување на корупцијата, за понатамошно постапување.
Како контраобвинување во соопштението СДСМ наведува дека Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал и незаконски стекнат имот врз грбот на граѓаните.
„Со судска пресуда за ‘Талир 2’ е докажано дека Белиот дворец вреден околу 7 милиони евра е незаконски, криминално стекнат, врз грбот на граѓаните, односно со пари украдени од граѓаните. ВМРО-ДППМНЕ ги крадела граѓаните, трупала имот, луксуз и пари на незаконски, криминален начин, додека граѓаните тонеа во сиромаштија и долгови“,
се наведува во соопштението од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека милионски суми на пари биле злоупотребени, а деталниот урбанистички план три пати е менуван за ВМРО-ДПМНЕ да добие 12 000 квадратни метри за седиштето, а на местото на станбена зграда, да никне хотел.
„Криминалната шема за Белиот дворец е драстична, безобразна, епска. Кога зборува за имоти, ВМРО-ДПМНЕ прво нека си погледне во своите редови и својот дворец“,
се додава во соопштението.