Од СДСМ велат дека укинувањето или слабеењето на вториот столб значи дека идните пензионери ќе зависат исклучиво од државниот буџет – кој, според нив, оваа влада веќе го довела до колапс
Опозицискиот СДСМ обвинува дека власта системски го уништува пензискиот систем, дека нема пари, дека „дупката“ во ПИОМ е е зголемена на 40% и дека загрозен е и вториот пензиски столб.
Тие се повикуваат на изјава на гувернерот Трајко Славески кој кажа дека 80% од идните пензионери кои ќе се пензионираат во периодот 2030–2032 година нема да можат да обезбедат ниту минимална пензија.
„Наместо да го зајакне вториот пензиски столб, Мицкоски најавува негово можно укинување или сериозно слабеење. Според плановите на власта, парите кои денес работниците ги уплаќаат во приватните пензиски друштва, треба да се префрлаат назад во државниот фонд – ПИОМ. Ова е крајно опасно. Власта го загрозува вториот столб, кој постои токму за да се намали притисокот врз државниот фонд и да се обезбеди дополнителна пензија за идните генерации“,
кажа Рената Младеновска – членка на Извршниот одбор на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Од СДСМ велат дека укинувањето или слабеењето на вториот столб значи дека идните пензионери ќе зависат исклучиво од државниот буџет – кој, според нив, оваа влада веќе го довела до колапс.
„Владата планира и зголемување на стапката за придонесот за задолжително пензиско за пренасочување на пари кон ПИОМ. Значи Фондот за пензиско и државниот буџет немаат доволно пари и не можат да исплаќаат пензии соодветно. Јавниот долг рапидно расте, а трошоците за негово сервисирање стануваат сè поголем товар. Буџетскиот дефицит за целата година е потрошен уште во првата половина. За само две години Владата на Мицкоски ја задолжи државата со 2,5 милијарди евра нов долг. Наместо парите да одат во пензии, плати, здравство, образование, тие завршуваат во џебовите на партиски послушници преку тендери скроени по мерка. Оваа влада не ја уништува пензијата само на сегашните пензионери, туку и пензијата на нивните деца и внуци“,
рече Младеновска.
