Од опозициската партија го споменуваат и Мирослав Тричковиќ, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазици на заедниците, кој, како што велат , објавува гнасни текстови, полни со тешки навреди и говор на омраза против Социјалдемократскиот сојуз и неговиот претседател Венко Филипче
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно го прозва премиер Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со тоа што не побарал оставки и одговорност од министерот за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ говори дека се согласува со нивните јавно искажани ставови во врска со осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.

Социјалдемократите неколку дена преку прес-конференции и писмени соопштенија бараат од премиерот да ги повика на одговорност двјацата функционери на владиниот партнер – Демократската партија на Србите во Македонија, кои минатата недела на социјалните мрежи излегоа со објави во кои се глорифицира ликот на Ратко Младиќ. Младиќ почина во четвртокот во Хаг, каде издржуваше доживотна казна затвор за геноцид и воени злосторства.
„Христијан Мицкоски молчи за својот пулен во Владата, Иван Стоилковиќ, не смее ниту да го спомене со име, а камоли да побара негова одговорност. Молчи и за Китановиќ. Иван Стоилковиќ навредува пратеници во Собранието и го велича Ратко Младиќ. Далибор Китановиќ како Директор на Агенцијата за правата на заедниците објавува пофалби за човек кој спроведувал етничко чистење на заедниците“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Од опозициската партија го споменуваат и Мирослав Тричковиќ, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазици на заедниците, кој, како што велат од СДСМ, објавува гнасни текстови, полни со тешки навреди и говор на омраза против Социјалдемократскиот сојуз и неговиот претседател Венко Филипче.
„Тоа е екипата на Стоилковиќ. Тоа е екипата на Мицкоски, а сите заедно се екипата на (Александар) Вучиќ“,
велат од партијата.
Според СДСМ, доколку нема оставки од Стоилковиќ и Китановиќ, тоа значи дека тие останале на истиот став дека „Ратко Младиќ е нивен генерал“, а со тоа, како што додаваат, и Мицкоски, како нивни шеф, потврдува дека „Младиќ е и негов генерал“.
„Знаеме дека Младиќ е генерал на Вучиќ. Сега знаеме дека е и на Мицкоски“,
наведуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
За потсетување, во петокот, на фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија беше објавен текст од извесна Татјана Домазет, во кој се глорифицира ликот на поранешниот командант на главниот штаб на војската на Република Српска и осуден воен злосторник, Ратко Младиќ. Во текстот се наведува дека многу Срби го гледале Ратко Младиќ како свој генерал во времето кога се рушеле држави, се раздвојувале семејства, се губеле животи и време во кое никој не можел да знае што ќе донесе следното утро.
Китановиќ, пак, истиот ден на Инстаграм објави фотокомпозиција, на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, а со големи букви беше напишано: „Генерали на небеската војска“.
Објавите предизвика силни реакции кај дел од опозициските партии, кои, како и од граѓанскиот сектор повикаа на одговорност на функционерите на Демократската партија на Србите во Македонија.
Откако од Владата го повикаа директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства, тој вчера преку објава на социјалните мрежи соопшти дека ја избришал спорната содржина и му се извини на премиерот Христијан Мицкоски.
Китановиќ напиша дека објавата ја избришал веднаш и оти е подготвен да поднесе одговорност за секој негов збор, но, нема, како што додава, да ја понесе одговорноста „за туѓите манипулации“ со неговите зборови. Тој негира дека со својата постапка сакал да навреди, понижи или да повреди припадник на кој било народ, вера или етничка заедница и обвини дека против ниго се повела политичка хајка.
