Кузеска од седиштето на СДСМ на Бихаќска рече дека за поддршката на семејствата и граѓаните во Кочани се организираат донации, а владата на ВМРО-ДПМНЕ троши 400 илјади евра за анкети и мерење на рејтингот на Мицкоски
Петрушевски вели дека ист таков тендер, со иста таква сума одобриле и распишале од СДСМ додека биле на власт и дека впрочем тоа е тендер предвиден со планот на јавни набавки

Тендерот објавен од Владата за „софтвер за медиумско влијание“ и тендерот за анкети и мерење рејтинг денеска беше причина за политички препукувања од партиските седишта на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија(СДСМ) и на ВМРО-ДПМНЕ.
На прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, побара Владата да го поништи тендерот за „софтвер за медиумско влијание“ и тендерот за анкети и тие пари, заедно со 400 илјади евра предвидени за анкети да се дадат за помош на семејствата на починатите и повредените граѓани на Кочани.
На ова следеше реакција од прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски кој во одговор на новинарско прашање рече „ако одиме по аналогијата на СДС за донации во Кочани треба да оди хациендата на Филипче на Водно“.
Кузеска од седиштето на СДСМ на Бихаќска рече дека за поддршката на семејствата и граѓаните во Кочани се организираат донации, а владата на ВМРО-ДПМНЕ троши 400 илјади евра за анкети и мерење на рејтингот на Мицкоски.
„Тоа не било доволно па гледаме објава на нов тендер за уште еден скап проект – оцена на медиумското влијание, мониторинг на медиумите, на социјалните мрежи, прес-клипинг и оценка на вестите.Владата набавува софтвер за да ги оценува вестите на медиумите– дали се позитивни, негативни или неутрални, а планира да собира податоци и за авторите. Тоа ли се приоритетите на власта?“,
праша Кузеска.

Таа праша и зошто да се трошат пари на граѓаните за прес-клипинг кога веќе има ваква професионална служба во Владата.
„Граѓаните добро ги знаат режимските методи на ДПМНЕ и ова е само нивно продолжение. Како тоа Владата на ДПМНЕ планира да ги селектира медиумите како позитивни, негативни или неутрални, што ќе случи доколку известуваат негативно, ќе бидат казнети, замолчувани?“,
додаде портпаролката.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, пак, рече дека тендерот за анкетите е согласно годишниот план.
„Политиката на СДС се сведува само на евтин популизам. По нивната аналогија од која на секој нормален му се гади, би требало да ги повикаме целиот имот на Заев во Дубаи стекнат со криминал да се поклони за донации за Кочани, и целата украдена и криминално стекната хациенда на Венко Филипче сместена на Водно исто така да биде подарена за цели за Кочани“,
рече Петрушевски.

Тој додаде и дека ист таков тендер, со иста таква сума одобриле и распишале од СДСМ додека биле на власт, и дека впрочем тоа е тендер предвиден со планот на јавни набавки.
„Суштината тука е што има спорно во постапката и кој дел од постапката не е испочитувана? Се работи за комплетно законска постапка која ги опфаќа сите законски аспекти. Нема договарања во четири очи и нема провизии како во минатото кога тоа беше омилена практика на СДС и ДУИ“,
додаде Петрушевски.