Бројките на новозаболени граѓани од коронавирусот деновиве, се директна последица од неработењето, популизмот и партиското профитерство на техничкиот министер Наќе Чулев и неговиот шеф Христијан Мицкоски, обвинуваат од владејачкиот СДСМ.
„Чулев и Мицкоски немаат никаква почит ниту кон здравствените работници, ниту кон експертите од Комисијата за заразни болести. Наместо да ја поддржат работата на Комисијата, тие бараат нејзино разрешување и со тоа сакаат да ги остават граѓаните на цедило. Мицкоски и Чулев се олицетворение на неодговорноста и се водат од позицијата ’колку им е полошо на граѓаните, толку е подобро за нивната партија‘. Денеска, стигнува сметката од ваквото несовесно, незрело и неодговорно однесување. Токму затоа, Чулев мора веднаш да поднесе оставка, затоа што свесно го загрозува здравјето на граѓаните и свесно поттикнува незаконско постапување“,
бараат социјалдемократите.
Според нив, министерот со неговата изјава дека бил под притисок, тој сепак нема да ги казнува граѓаните кои не ги почитуваат мерките, директно ги охрабрил прекршување на рестриктивните мерки и задолженија.
Тие велат дека во изминатиот период Чулев намерно ги игнорирал бројните прекршувања како што се шетањето на граѓаните кои имаат решенија за самоизолација, масовниот собир на литијата во Струга, орото во Чаир, организацијата на прослава за Денот на полицијата.
Мицкоски, пак, за состојбата со коронавирусот ја обвини владата, побара разрешување на Комисијата за заразни болести, а за Чулев рече дека е професионалец кој ги спроведува одлуките.
„Сè што креваа во височините прикажувајќи го како лажен успех видовме дека се враќа како бумеранг соочувајќи не со грдата реалност. А реалноста е дека луѓето се препуштени самите да се грижат за своето здравје и дека системот не само што потклекна, туку е збришан од политички диктати, примеси на суети, дворски игри и желбата да се клекне државата, а сето тоа се прави во обид да се спасат неколку луѓе од одговорност“,
рече Мицкоски.
И тој зборуваше за верските собири и го обвини Зоран Заев дека сакал да добие албански гласови со тоа што ќе испровоцира проблем со полицијата за време на Рамазан Бајрам, а за обвинувањата кон МВР за непостапување при литијата во Струга рече дека се политизација.