Според СДСМ, овој случај го потврдува нивното тврдење дека за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните роднини не важат законите

Јавното обвинителство и надлежните институции веднаш да отворат истрага за постапките на полицијата и за евентуалната вмешаност на градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, во скандалот поврзан со неговиот брат кој дивееше по скопските улици, побараа денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Според СДСМ, овој случај го потврдува нивното тврдење дека за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните роднини не важат законите. Тие посочуваат дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бил принуден јавно да го признае скандалот дури откако СДСМ го обелоденил случајот.
„Граѓаните не се наивни и многу добро знаат да не реагиравме ние ова скандалозно самоволие ќе останеше скриено од очите на јавноста, а прекршителите недопирливи. Само затоа што се роднини на функционери од ДПМНЕ“,
рече партиската портпаролка Богданка Кузеска на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.
Кузеска рече дека скандалот отвора и други аспекти меѓу кои дали градоначалникот Стефковски лично се јавувал на посочениот началник во МВР за да изврши притисок и да го обезбеди ослободувањето на неговиот брат, како и дали ќе има кривична одговорност за тоа што казната му била напишана на друго лице.
СДСМ смета дека овој настан ја покажува целосната нефункционалност на правниот систем под водство на ВМРО-ДПМНЕ и ја разоткрива нивната двојна политика – едно правило за обичните граѓани, друго за привилегираните блиски до нив.
Поради ова, СДСМ јавно прашува кој ќе ја преземе политичката одговорност за овој скандал, дали Стефковски ќе поднесе оставка и дали министерот Тошковски ќе си замине од функцијата поради, како што рече Кузеска, очигледната злоупотреба на полицијата во заштита на блиските функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи бескомпромисно да се бори против сите злоупотреби, без разлика од каде доаѓаат. Граѓаните сакаат правда, граѓаните сакаат институции што работат за нив, а не за заштита на блиските до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“,
додаде Кузеска.
За случајот со братот на градоначалникот Стефковски денеска пратениците од СДСМ говореа и од собраниската говорница каде на дневен ред е интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Пратеникот на СДСМ, Миле Талески рече дека скандалот со братот на градоначалникот Стефковски го покажал распадот на системот во МВР.
„Брат да ми е, ќе одговара – како велеше министерот Тошковски. Епа еве, еден брат, на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски од ДПМНЕ. Фатен на радар како лета по улиците среде град, го стопирала полиција да го казнат за брзо возење. Се јавил во МВР и го пуштиле. Е сега живи бевте фатени па излегувате на телевизија да кажете дека сте го признале скандалот. Па уште отишол во станица сам се пријавил братот на градоначалникот Стефковски, откако видео се објави од него тогаш му проработи моралот демек. Граѓаните не се наивни — да не го објавеше СДСМ скандалот, ќе го криевте и натаму, ниту ќе го признаевте, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова. Функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а тоа им го овозможува првиот човек на МВР“,
рече Талески.
Од партијата и претходно денеска преку соопштение го коментираа случајот со братот на градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој не е казнет поради возење над дозволената брзина, а санкцијата е изречена на друго лице што нема врска со настанот. Од опозицискиот СДСМ прашуваат кој ќе сноси политичка одговорност за целиот случај.
Од СДСМ вчера објавија видеоснимка за која рекоа дека е од полициски радар, а на која се гледа како братот на градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Стефковски, вози со преголема брзина, а притоа полицијата, иако го регистрирала и го сопрела, сепак, не го казнила.
Според информациите до кои дошла партијата, за само една минута откако е застанато возилото, началник на МВР, кој според нивните информации не ни бил во земјава, им се јавил на полицајците и им дал наредба братот на градоначалникот да не биде казнет, а бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, наредено им било казната да ја запишат на друго лице.
По објавувањето на снимката од СДСМ, вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави кривична одговорност за полицискиот службеник поради кого братот на градоначалникот на Општина Гази Баба не бил казнет за возење над дозволената брзина, а санкцијата му била изречена на лице кое немало врска со настанот.
Според министерот, фактичката состојба што била утврдена од МВР во случајов е многу пострашна од она што било објавено од СДСМ.
Полицискиот службеник, како што рече Тошковски, направил две повреди на оперативните процедури и на законот, од кои едната ја оцени како поголема од другата.