Неполни 24 часа по вчерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на кој лидерот на опозицијата предложи воено лице како нивен кандидат за прв човек на МВР, владејачката СДСМ побара од ВМРО-ДПМНЕ да предложи нов кандидат.

„После отворањето на дебатата во јавноста, јасно е дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е спротивен на Уставот и затоа партијата треба да предложи друг кандидат за министер за внатрешни работи“,
соопштија од СДСМ.
Според СДСМ, јасен е членот 97 од Уставот во кој се вели дека со МВР или со Министерството за одбрана може да раководи цивилно лице кое најмалку три години не е во униформа. Во соопштението, социјалдемократите индиректно се осврнуваат и на претходните спорни примери, кога Митко Чавков во 2015 година или Силјан Аврамовски во 2004, кои станаа министри од директорски позиции во МВР.
„Во членот 2 од Законот за полиција се прави јасна разлика помеѓу униформиран и неуниформиран припадник на полицијата, што значи дека униформираните вработени не можат да бидат избрани за министри, и тоа е исто и во двете министерства“,
соопштија од СДСМ.
Според СДСМ, политички е погрешно да се промовира кршење на Уставот и дека ниту една партија не треба да излегува пред граѓаните со неуставни предлози.
Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висина на задачата и одговорноста која ја има со влезот во преодната Влада и порачуваме дека остануваме отворени за наоѓање прифатливо решение со кое нема да се крши Уставот. До 3 јануари има доволно време да се постигне согласност и да продолжиме кон подготовката на изборите кои ќе се случат на 12 април.
соопштија од СДСМ.