На прашањето што во јавноста се отвори околу неговото поставување за началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски во својата прва изјава за медиумите на оваа тема денеска рече дека не сака да коментира укази и наредби кои се согласно закон
Социјалдемократскиот сојуз бара од новоназначениот генерал-мајор Сашко Лафчиски да се повлече од функцијата началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, додека Антикорупциската комисија не го истражи случајот. Ова денеска од опозициската партија го соопштија посочувајќи дека Лафчиски очигледно како и многу други функционери од ВМРО-ДПМНЕ е поставен спротивно на законите.
„Недозволиво за земја членка на НАТО. Оваа пракса на ВМРО-ДПМНЕ веќе станува секојдневие. Покрај Лафчиски, назначени се и десетици в.д. директори кои се исто така предмет на истрага на Државната комисија за спречување на корупцијата“,
велат од СДСМ.
На прашањето што во јавноста се отвори околу неговото поставување за началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски во својата прва изјава за медиумите на оваа тема денеска рече дека не сака да коментира укази и наредби кои се согласно закон.
Лафчиски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање во врска со предметот што Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) неодамна го отвори за неговото назначување на функцијата, по поднесена претставка.
За тоа дали бил исконтакиран од ДКСК, Лафчиски директно одговори – „не“ и појасни дека тоа е во надлежност на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
„Второ, пред сè, јас сум војник, гледате дека носам униформа, тука сум пред сè да командувам и да раководам со Армијата и да ѝ служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката, а најмалку би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон“,
рече тој.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска изрази уверување дека во случајот со новиот началник на Генералштабот на Армијата сè е согласно закон и согласно сите прописи.
Тој потврди дека до Министерството стигнал допис од Антикорупциска во врска со претставката и дека ќе биде одговорено во најбрз можен рок.
Претходно, во одговор на прашања од „360 степени“, тврдењата на дел од политичките партии и пишувањата во медиумите дека унапредувањето на Сашко Лафчиски и неговото именување за началник на Генералштабот на Армијата се извршени незаконски, ги негираа од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.
Лафчиски официјално стана началник на Генералштабот на АРСМ на 18 август, кога на свеченоста во Охрид по повод Денот на Армијата го развиори знамето што ја симболизира функцијата, а кое му го предаде претседателката Сиљановска-Давкова.
Само неколку часа подоцна од Алијанса за Албанците на Зијадин Села излегоа со реакција во која го проблематизираа неговото назначување велејќи дека тој неправедно и незаконски го зазел местото што требало да му припадне на офицер Албанец.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) потврдија дека отвориле предмет во врска со поставувањето на Лафчиски за началник на ГШ на АРСМ, по пристигната претставка.