Во однос на предметот што го отвори Антикорупциска за неговото назначување за началник на Генералштабот на Армијата, тој вели дека не бил исконтакиран од ДКСК и додава дека тоа е во надлежност на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова
Коментар даде и министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој изрази уверување дека во случајот со новиот началник на Генералштабот на Армијата сè е согласно закон и согласно сите прописи. Тој потврди дека до Министерството стигнал допис од ДКСК и рече дека ќе биде одговорено во најбрз можен рок
По прашањето што во јавноста се отвори околу неговото поставување за началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски во својата прва изјава за медиумите на оваа тема денеска рече дека не сака да коментира укази и наредби кои се согласно закон.
Лафчиски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање во врска со предметот што Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) неодамна го отвори за неговото назначување на функцијата, по поднесена претставка.
За тоа дали бил исконтакиран од ДКСК, Лафчиски директно одговори – „не“ и појасни дека тоа е во надлежност на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
„Второ, пред сè, јас сум војник, гледате дека носам униформа, тука сум пред сè да командувам и да раководам со Армијата и да ѝ служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката, а најмалку би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон“,
рече Лафчиски одговарајќи на новинарски прашања по настанот на кој беше извршено примопредавање на опрема од Република Турција за Армијата.
Надоврзувајќи се на Лафчиски, свој коментар даде и министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој изрази уверување дека во случајот со новиот началник на Генералштабот на Армијата сè е согласно закон и согласно сите прописи.
Тој потврди дека до Министерството стигнал допис од Антикорупциска во врска со претстваката и дека ќе биде одговорено во најбрз можен рок.
„Да, стигната е претставка, односно барање од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок од страна на Министерството и, се разбира, од страна на началникот, односно Генералштабот. Претпоставувам дека, исто така, има доставено и до претседателката, така што сите заеднички ќе одговориме, но јас сакам сите да ве уверам дека е согласно закон и согласно сите прописи“,
рече Мисајловски.
Претходно, во одговор на прашања од „360 степени“, тврдењата на дел од политичките партии и пишувањата во медиумите дека унапредувањето на Сашко Лафчиски и неговото именување за началник на Генералштабот на Армијата се извршени незаконски, ги негираа од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.
„При спроведувањето на своите надлежности претседателката Гордана Сиљановска-Давкова секогаш се води од Уставот и законите. Така е и при поставувањето на новиот началник на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој е поставен на должноста согласно позитивните законски прописи“,
рекоа во кусиот одговор на нашите прашања од кабинетот на претседателката на државата.
Оттаму не дадоа одговор на нашето барање да ги посочат конкретните законски одредби според кои е направено неговото вонредно унапредување и поставување за началник на Генералштабот на АРСМ.
Дилема за законитоста на вонредното унапредување отвора четвртиот услов од член 61 став 2 кој вели дека офицерот мора да биде „предлог на два кадровски совети на ниво бригада или повисоко“.
Јавно не е достапна информација дали и кога Лафчиски бил предлог на „два кадровски совети на ниво на бригада или повисоко“.
Со оглед на тоа што од кабинетот на Сиљановска-Давкова не добивме одговор на кои законски одредби конкретно го темели вонредното унапредување на Лафчиски, „360 степени“ упати барање според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до кабинетот на претседателката на државата и до Министерството за одбрана да ни достават фотокопии од записниците од состаноците на кадровските совети на кои Сашко Лафчиски бил предложен да биде унапреден во повисок генералски чин.
Законскиот рок за одговор од двете институции истекува на 10 септември.
Вонредното унапредување на Лафчиски во генерал-мајор, пак, е клучен предуслов за тој да биде поставен за началник на Генералштабот на Армијата.
Во актот за формација што го донесува шефот на државата е предвидено дека за началник на Генералштабот може да биде поставен офицер со чин генерал-потполковник односно генерал. Правилата велат дека на позицијата може да дојде и некој со едно скалило понизок чин (генерал-мајор) под услов да биде унапреден во наредниот чин штом за тоа се создадат законски услови.
Тоа значи дека Сашко Лафчиски не би можел да стане началник на ГШ ако не бил унапреден во генерал-мајор, а не би можел да биде унапреден во генерал-мајор ако не бил предлог на „два кадровски совети на ниво на бригада или повисоко“.
Лафчиски официјално стана началник на Генералштабот на АРСМ на 18 август, кога на свеченоста во Охрид по повод Денот на Армијата го развиори знамето што ја симболизира функцијата, а кое му го предаде претседателката Сиљановска-Давкова. Само неколку часа подоцна од Алијанса за Албанците на Зијадин Села излегоа со реакција во која го проблематизираа неговото назначување велејќи дека тој неправедно и незаконски го зазел местото што требало да му припадне на офицер Албанец.
Потпретседателот на партијата и поранешен министер за правда Кренар Лога наведе дека Лафчиски не ги исполнува условите за оваа позиција, односно дека бил четири нивоа под стандардите кои се бараат за началник на Генералштабот.
Во меѓувреме, од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) потврдија дека отвориле предмет во врска со поставувањето на Лафчиски за началник на ГШ на АРСМ, по пристигната претставка.