Оттаму најавија дека во знак на солидарност Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) ќе се приклучи на протестот, кој според најавите на граѓаните на социјалните мрежи треба да се одржи денеска во 13 часот на местото каде што беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) бара да му биде одредена максимална казна на возачот што завчера вечер со автомобил усмрти 22-годишна девојка на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Ги повикуваат сите надлежни органи да дејствуваат без одложување.
„Овој шокантен настан уште еднаш ја покажува сериозноста на проблемот со безбедноста на улиците и потребата за итно и решително дејствување од страна на институциите“,
велат од партијата во писменото соопштение испратено до медиумите.
Оттаму најавија дека во знак на солидарност Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) ќе се приклучи на протестот, кој според најавите на граѓаните на социјалните мрежи треба да се одржи денеска во 13 часот на местото каде што беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова.
„Протестите се легитимно право на народот да изрази незадоволство и барање за одговорност од оние што не си ја извршиле својата должност“,
додаваат од СДСМ.
Од партијата посочија и дека Владата и Министерството за внатрешни работи (МВР) мора итно да преземат конкретни мерки за подобрување на безбедноста на улиците.
„Не смееме да дозволиме нови трагедии поради институционална небрежност“,
се наведува во соопштението од опозициската СДСМ.
На социјалните мрежи од вчеравечер се споделуваа повици за протест во врска со сообраќајната несреќа што вечерта на 29 јануари се случи на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, а во која загина 22-годишна девојка.
Девојката поминувала на пешачки премин кога во неа удрил автомобил со кој управувал 20-годишен скопјанец. Според наводите на Обвинителството, тој возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено. За 20-годишникот е побаран притвор.
Дополнително, од ОЈО Скопје информираа и за претходните кривични дела за кои било гонето момчето – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Во текот на постапката за овие дела момчето било во притвор, а скопското обвинителство поднело обвинение со предлог за продолжување на притворот. Судот, пак, ја укинал притворската мерка за обезбедување и одлучил момчето да биде испратено во воспитно-поправниот дом во Тетово.