Социјалдемократскиот сојуз на Македонија освои 46 мандати на вчерашните избори, покажува првичната симулација на интернет страницата на Државната изборна комисија со пребројани околу 95% од избирачките места. Резултатот можеше да се види само за кратко околу 2:30 часот по полноќ, во ден кога веднаш по завршувањето на гласањето веб-страницата каде јавноста требаше да ги следи резултатите „падна“, поради наводен хакерски напад „од надвор“.
Тоа што на кратко го исфрли системот на ДИК изгледаше вака:

Со темна црвена боја се обележани пратениците на СДСМ и коалицијата, вкупно 46. Потоа следи ВМРО-ДПМНЕ со 44 пратеника, обележани по посветла црвена. Исклучително висок резултат имаат ДУИ со 16 мандати. Потоа следи коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива која има 12 мандати, Левица со 1 мандат и ДПА со 1 пратеник.
Доколку конечниот резултат не се смени или доколку немало нови грешки на веб-страницата, бројките значат дека преговорите за влада ќе бидат исклучително тешки но и дека тешко може да се очекува влада без ДУИ да биде во неа.
Дури и ако такво нешто биде можно, едниот пратеник на ДПА и на Левица ќе имаат огромна тежина.
*во првичната верзија на текстот грешно беше прикажан бројот на мандати на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо 44, стоеше 42.