Ова во одговор на прашање на СДК го потврдил шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој навел дека на истражителите мандатите од една година, плус можноста од две години да останат во Истражниот центар, им завршил на 7 февруари годинава и тие веќе се вратени на своите претходни работни места, кои им биле во мирување
Истражителите што работеа на предистражната постапка на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за случајот „Виа комерц“ се повлечени од Истражниот центар на Обвинителството, објави „Сакам да кажам“ (СДК).

Ова во одговор на прашање на СДК го потврдил шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој навел дека на истражителите мандатите од една година, плус можноста од две години да останат во Истражниот центар, им завршил на 7 февруари годинава и тие веќе се вратени на своите работни места во МВР, кои им биле во мирување.
Од Истражниот центар на Обвинителството е повлечена и вратена назад во МВР и истражителката која работела на случајот со издавањето македонски пасоши на странски државјани со криминални досиеја барани со меѓународни потерници.
Станува збор за четворица истражители од Министерството за внатрешни работи и еден од Финансиската полиција, кои се повлечени од истражниот тим на ОЈО ГОКК и се вратени на своите претходни работни места.
„Врз основа на доставените пријави, ЈОРСМ во февруари 2020 година донесе одлука за избор на истражители за работа во истражните центри. Притоа, во Истражниот центар на ОЈО за гонење 0организиран криминал и корупција, со одлука на државниот обвинител, беа избрани 4 кандидати од МВР и 1 кандидат од Управата за финансиска полиција, за вршење работи на определено време во траење од 1 година, со можност времето за вршење работи да биде продолжено за уште две години. Согласно наведената одлука, по истекот на продолжениот временски период, на овие избрани истражители мандатот им заврши на 7.2.2023 година, со што тие се вратија на своите работни места што им беа во мирување“,
навел Абази.

На нивно место, како што пишува СДК, се ангажирани нови истражители.
„По донесената одлука од страна на колегиумот и меѓуинституционалната соработка, Истражниот центар е екипиран со нови истражители од Министерството за внатрешни работи, а во скоро време ќе биде доекипиран и со истражители од другите институции. Истражителите за кои покажувате интерес беа со мандат до 7.2.2023 година и немаше можност за негово продолжување“,
исто така навеле од службата за односи со јавност на Обвинителството.
Според СДК, Абази пред 7 февруари годинава одржал неколку колегиуми на кои со јавните обвинители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги разгледувал можностите за ангажирање нови истражители и задржување на оној дел од истражителите кои покажале ефективност и ефикасност во работењето.
Случајот со „Виа комерц“ го отвори „360 степени“ во декември 2021 година, кога објавивме дека инспектори на МВР во август 2021 година предложиле привремено затворање на станицата за технички преглед поради серија констатирани недостатоци. Контролата била извршена на 12 август 2021, а предлогот-решение за забрана за работа од службите во МВР било изготвено на 25 август. Додека се чекал потписот од министерот Оливер Спасовски, автобусот на „Беса транс“ на 5 октомври лани бил на технички преглед. На 23 ноември 2021 се случи автобуската несреќа во Бугарија, во која загинаа 45 македонски државјани, а три дена по неа, на 26 октомври, Спасовски го потпишал решението.

За случајот на 5 мај 2022 Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори и предистрага (ОЈО ГОКК). Предметот го водеше тогашната шефица Вилма Русковска, која во меѓувреме беше суспендирана, па случајот беше распореден кај обвинителката Катерина Коларевиќ.
Русковска во ноември лани и формално го напушти ОЈО ГОКК откако на изборите за нов шеф победи Ислам Абази. Во својот последен телевизиски настап пред околу еден месец, „Виа комерц“ заедно со случаите за ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и за Управата за финансиска полиција и нејзиниот поранешен директор Арафат Муареми, Русковска ги посочи како трите „што ѝ пресудиле“ за да биде суспендирана од работа.
Додека надлежните постапуваат, по околу половина година откако го отворивме случајот, во јуни лани „360 степени“ провери на терен каква е состојба со станицата за технички преглед. Она што го утврдивме беше дека во истите објекти функционира нова станица со слично име „Виа контрол“, а сопственикот на претходната фирма, Џемаљ Науши, во новата се појави како управител.
„Виа контрол“ била основана на 17 јануари 2022 односно откако истекол рокот во кој „Виа комерц“ требаше да ги отстрани пропустите со цел да може да продолжи со работа. Меѓутоа, она што се случило, како што пишувавме, е што „Виа комерц“ всушност никогаш не ги отстранила пропустите и МВР трајно ѝ ја одзело лиценцата. Неколку дена подоцна, новата фирма, „Виа контрол“, добила „чиста“ лиценца за работа во истиот објект.
Од МВР тогаш ни одговорија дека се е по закон и дека самите барале измени во легислативата со кои нема да смее нова компанија да добие лиценца за технички преглед на возила во објект кој бил користен од фирма што ја изгубила лиценцата во последните 3 години.
Кон средината на јануари, оваа година Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) одлучи да достави иницијатива до Владата за утврдување одговорност на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бидејќи ненавремено донел решение за забрана за вршење технички преглед на правното лице „Виа комерц“, станица во која по утврдувањето на неправилностите, технички преглед бил извршен и на превозникот „Беса транс“ во чиј автобус во несреќа во Бугарија загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени.
На прашање на „360 степени“ како ќе постапи Владата од кабинетот на вицепремиерката задолжена за добро владеење ни одговорија дека постапат според надлежностите што ги имаат.
Засега оттаму нема информации какви чекори презеле или преземаат во врска со иницијативата од Државната комисија за спречување корупција.