Разногласија во Претседателството на Босна и Херцеговина, како реакција на преговорите меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ и на САД
Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик предлага амбасадата во Израел да се пресели од Тел Авив во Ерусалим, додека хрватскиот член на Претседателството Жељко Комшиќ бара признавање на независноста на Косово.
Прво, Додик испрати барање за одржување вонредна седница на Претседателството, со само една точка на дневниот ред – предлог- одлука за промена на седиштето на амбасадата на Босна и Херцеговина во државата Израел“, објави сараевскиот портал Кликс.
Членовите на Претседателството на БиХ, Сефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, веќе оценија дека предлогот на Додик за преместување на амбасадата на БиХ од Тел Авив во Ерусалим е „популистички и „нереален“. Додик побара седницата да се одржи утре во 11 часот, оценувајќи дека „суверенитетот на Израел над Ерусалим е неспорен“.
Во меѓувреме, дојде барање за уште една вонредна седница на Претседателството на БиХ, утре во 10.45 часот или само петнаесет минути пред седницата што ја побара Милорад Додик. Од кабинетот на Комшиќ стигна предлог на таа седница да се донесе одлука за признавање на Косово.
Со потпишување на документот во Вашингтон, Србија се обврза да ја премести својата амбасада во Израел во Ерусалим до јули 2021 година. Косово ќе го стори истото кога Израел ќе го признае како независна држава, се наведува во документот потпишан во петокот во Белата куќа.