Членството на една земја во ЕУ подразбира и целосно регулирање на односите со сите соседи, појасни, на денешниот брифинг, портпаролот на Европската комисија
Преговорите меѓу Србија и Косово под покровителство на ЕУ имаат за цел нормализирање на односите, формално признавање на Косово и интеграција на двете земји во Европската Унија, изјави, на денешниот брифинг, портпаролот на Европската комисија Петер Стано.
„Во теорија, секоја земја може да аплицира за влез во ЕУ. Во пракса, ЕУ прифаќа апликации само од земји кои исполнуваат повеќе критериуми, од кои едниот е нејзино законско признавање од сите членки. ЕУ е во разговорите меѓу Србија и Косово, кои се насочени токму на тоа – нормализирање на односите меѓу нив и нивна идна евроинтеграција. Европската интеграција значи членство во ЕУ, што подразбира целосно регулирање на односите со сите соседи“,
рече Стано.
Дипломатот истакна дека ЕУ не наметнува каква било форма на ваков договор за Србија и Косово, но тој треба да биде „сеопфатен и правно обврзувачки“.
До моментов, пет од 27 земји-членки на ЕУ не го признаваат суверенитетот на Косово: Шпанија, Грција, Кипар, Словачка и Романија. Секој од нив има свои историски и територијални размислувања за ова прашање. За Шпанија, признавањето може да претставува опасен преседан за Каталонија, Грција и Кипар стравуваат дека признавањето на Косово може да послужи за легитимирање на Турската Република Северен Кипар, чие постоење го признава само Турција, потсетува БГНЕС.
Доколку биде признато од Белград, Косово има шанса да добие статус на кандидат за ЕУ. Според Брисел, тоа ќе го отвори патот за нејзино признавање од другите земји на ЕУ.
Руската агенција ТАСС наведува дека, иако ЕУ не го соопштила тоа гласно, дипломатски извори во Белгија велат дека Србија нема да биде може да се зачлени во ЕУ сè додека не ја признае независноста на Косово.