Според податоците на ДИК, Ана Бобинкова-Мијаковска е единствената која поднела иницијатива и во моментов собира граѓански потписи за кандидатска листа за пратеници во изборната единица 1. Заклучно со 5 март до 20 часот, за неа се потпишале 100 граѓани, а за официјализирање на независната листа ѝ недостигаат уште 900
Додека во фокус на јавноста изминативе денови се кандидатите кои собираат по десет илјади потписи неопходни за влез во трката за шеф на државата, во подрачните единици на Државната изборна комисија (ДИК) паралелно граѓански потписи се собираат и за независни листи за пратеници во Собранието.
Списокот на независни кандидати кои собираат потписи за потенцијална кандидатура на претстојните парламентарни избори почнува и завршува со едно име – Ана Бобинкова-Мијаковска. Таа ја предводи независната листа на кандидати за пратеници од група избирачи Ана Бобинкова-Мијаковска во изборната единица 1.
Според Државната изборна комисија (ДИК), Ана Бобинкова-Мијаковска е единствената која поднела иницијатива и во моментов собира граѓански потписи за кандидатура на претстојните избори за пратеници што ќе се одржат на 8 мај заедно со вториот круг од претседателските.
„До Државната изборна комисија доставена е една иницијатива за собирање потписи за кандидирање за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, за изборната единица (ИЕ) 1 од Ана Бобинкова-Мијаковска. Потписите се собираат во подрачните одделенија на ДИК надлежни за општините од ИЕ 1“,
се наведува во известувањето од Државната изборна комисија (ДИК).
Заклучно со 5 март (вторник) до 20 часот, за Бобинкова-Мијаковска се потпишале 100 граѓани, а за официјализирање на кандидатурата за пратеничка функција ѝ недостигаат уште минимум 900.
Според одредбите од Изборниот законик, кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, за официјализирање на кандидатурата потребно е да се соберат минимум 1 000 потписи од конкретната изборна единица.
Собирањето граѓански потписи за претседателските и за кандидатурите за пратеници во подрачните одделенија на ДИК и кај овластени нотари почна на 23 февруари (петок) и ќе трае до полноќ на 8 март (петок).
Интернет-пребарување на името на единствената носителка на независна листа која собира потписи за кандидатура на парламентарните избори води до медиумски написи во кои се известува за протестите против Преспанскиот договор во 2018 година. Дополнително пребарување на името Ана Бобинкова-Мијаковска нè одведе до веб-страницата на Здружението на граѓани „Преродба“, каде што е наведено оти таа е претседател.
Во објава на својот фејсбук-профил од пред два дена, Бобинкова-Мијаковска обвинува дека нивната поднесена листа за собирање потписи до ДИК е целосно игнорирана, како од Државната изборна комисија така и од медиумите, кои не објавиле дека покрај за претседателските се собираат потписи и за кандидатите за пратеници.