Во извештајот се наведува и дека од 366 милиони денари планирани за 15 мерки биле искористени само 74 милиони или само 20 отсто
Од вкупно 130 мерки, кои биле предвидени во Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017-2022 година и Акцискиот план, целосно се реализирани само 52 отсто. Делумно, пак, реализирани се само 34, а нереализирани се 14 отсто.
Ова го утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој согласно својата годишна програма за 2022 година, направи ревизија на тоа колку е спроведено од планираното.
Причината за реализирани на само 52 отсто од предвиденото за изминатиот период, ДЗР ја лоцира во повеќе фактори.
„Ваквата состојба се должи на несоодветно дефинирање на мерките за остварување на целите, отсуство на јасни мерливи индикатори, нереални рокови, проценети избори на финансиски средства, недоволна координација на институции и надлежни тела носители на мерки и активности“,
велат од ДЗР.
Од планираните пари за 15 мерки искористени се само 20 отсто
Во објавата од ДЗР се издвојува и податок дека за 15 мерки предвидени во Стратегијата и Акцискиот план биле планирани вкупно 366 милиони денари (речиси 6 милиони евра), меѓутоа до 31 декември 2021 година, вкупно се реализирани само 20 отсто односно околу 74 милиони денари (околу 1,2 милиони евра).
Како пример зошто толку малку е реализирано, ревизорите наведуваат што кај една најголемите ставки за изградба на нови просторни услови не се искористени дури 40 отсто од парите, како и за тоа што неискористени се 85 отсто од средствата за обезбедување посебен простории за обвинителствата сместени во просториите на судовите.
„Нискиот степен на реализација на планираните средства се должи на нереализирањето на предвидените средства за мерката ’Изградба на нови просторни услови‘, што претставува 40 отсто од предвидените средства, како и неискористеност во целост на средствата предвидени со мерката ’Јавно обвинителство на РМ за просторно уредување и одвоеност на ЈО од судовите‘, каде што се планирани повеќе средства од потребните 15 отсто“,
објаснуваат од ДЗР.
Ревизорите забележуваат и дека оние што треба да го следат спроведувањето на реформите – Советот за следење на имплементација на Стратегијата, имаат пропусти во работењето и дека ова тело работи без утврдена методологија за евалуација на резултатите од спроведените мерки и активности.