Работниот дел, според најавената агенда, почнува во 10:00 часот, со официјални обраќања на Ковачевски, Рама и Вучиќ, а потоа и на Абазовиќ, Тегелтија, како и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Видеопорака ќе има заменикот помошник на државниот секретар на САД Габриел Ескобар
Премиерите на Северна Македонија и на Албанија Димитар Ковачевски и Еди Рама, српскиот претседател Александар Вучиќ, и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ како и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија денеска во Охрид ќе одржат самит на инцијативата „Отворен Балкан“.
Работниот дел, според најавената агенда, почнува во 10:00 часот, со официјални обраќања на Ковачевски, Рама и Вучиќ, а потоа и на Абазовиќ, Тегелтија, како и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Видеопорака ќе има заменикот помошник на државниот секретар на САД Габриел Ескобар.
По официјалните обраќања следат панел сесии за туризам и култура.
Првата панел сесија на тема: „Отворен Балкан отвора туризам“, стартува во 11:00 часот. Воведничар на сесијата за туризам ќе биде вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, како и со министерката за туризам и животна средина на Албанија Мирела Кумбаро Фурхи и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија Татјана Матиќ ќе дискутираат за придобивките од иницијативата и мерките кои ќе се преземат за развој на туризмот на регионално ниво.
На сесијата присутни се претставниците на бизнис заедницата од земјата и регионот, а свои обраќања ќе имаат и претседателите на коморите Бранко Азески, претседател на Стопанска комора, Марко Чадеж, претседател на Стопанска комора Србија на Србија и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија.
Панел сесијата на тема „Отворен Балкан отвора култура”, стартува во 12:45 часот. Воведни зборови има вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кој заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, со Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија и Маја Гојковиќ, вицепремиерка и министерка за култура и информирање на Србија ќе дискутираат за важноста на културата во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.
По потпишувањето на меморандумите за соработка во четири клучни области, следи прес-конференција на лидерите во 14:30 часот. Секој од лидерите на прес-конференцијата ќе одговори по едно прашање од акредитираните медиуми, односно ќе бидат одговорени вкупно пет медиумски прашања.
Целата програма на самитот ќе се пренесува во живо на следниот линк.
Премиерот Димитар Ковачевски синоќа со своите колеги од Владата, во вилата „Билјана“ во Охрид ги пречека лидерите од регионот.
„Ја нагласувам иднината, затоа што докажавме дека „Отворен Балкан“ го става зад себе минатото. Наместо ѕидови како некогаш, „Отворен Балкан“ гради мостови. Отвора нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества“,
истакна Ковачевски во поздравниот говор пред почетокот на работната вечера со колегите од регионот.