Доколку има информации премиерот, има јавно обвинителство и нека сподели информации, рече Сали
Откако премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција со својот косовски колега Албин Курти рече дека располага со информации дека раководството на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создавало изминатите дваесет години ќе презема чекори во насоки на дестабилизирање на државата есенва, денеска пратеникот Беким Сали од коалицијата „Вреди“ изјави дека тој не располага со вакви информации.
„Значи, немам информации за каква дестабилизација и со какви информации располага премиерот. Доколку има информации, има јавно обвинителство, како што ние денеска се обраќаме, така што, сметам дека институцијата е зад нас да сподели информации“,
рече Сали.
Од СДСМ вчера побараа од Мицкоски да ги објави наводните информации со кои располага. Оттаму велат дека доколку премиерот вистински поседува информации, тој е должен итно да ги информира институциите и прашаа – зошто тоа не го прави?
„Премиер кој кажува дека има информации за нарушување на безбедносната состојба и мирот во земјата, а ништо не презема околу тоа е директен соучесник на евентуално сценарио. Доколку тоа го прави само за да ги заплаши граѓаните и да манипулира со нивните чувства обидувајќи се да ја смени темата од скандалите кои ја пратат неговата влада, тогаш станува збор за човек кој му мисли лошо на својот народ“,
изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Во партијата сметаат дека секоја најава за дестабилизација значи грч за граѓаните и за економијата, страв и тензија во општеството.
„Доколку тоа Мицкоски го прави без основа и без да преземе конкретни чекори, Мицкоски е тој што дестабилизира. Бараме итно да се произнесе прецизно по ова тврдење, бараме Сиљановска-Давкова да го свика Советот за безбедност ако е воопшто конституиран. Бараме обвинителството да покрене истрага и да го викне Мицкоски на сослушување“,
додаде Кузеска.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија – Кузеска и СДС да внимаваат што зборуваат на прес-конференции, да не треба после пак да се извинуваат.
„Дали некој во СДС проверува што ќе каже Кузеска или чита што и дојде под рака? За разлика од времето на СДС, кога немаше одговорност, сега во време на ВМРО-ДПМНЕ има експресна акција од институциите и никој не е поштеден. Одговорност има за секој што се огрешил пред законот“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера Мицкоски кажа дека располага со информации добиени од повеќе канали дека ова раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата.
„Ние како влада имаме целосно право да ги браниме територијалниот суверенитет, интегритетот и мирот на граѓаните. Тоа е и целта на една држава. Врз основа на тие информации што ги имаме очекуваме тоа да се случи оваа есен. Да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни“,
рече Мицкоски.
Следуваше реакција од ДУИ, од каде порачаа дека не ги коментираат ваквите политички спинови и блефови, наведувајќи дека како државотворна партија тие се гарант за мирот, стабилноста и европската иднина на Северна Македонија.
„ДУИ како државотворна партија е гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на земјата. Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија“,
се вели во соопштението на ДУИ.